На фестивалот, што ќе го отвори деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје Драги Димитриевски, покрај домашни, ќе учествуваат и повеќе од 40 странски претставници.
Арт фестивалот прв пат се одржа пред две години во Анкара, Турција, а минатата година домаќини беа студентите од Илиноис, САД.
Националниот комитет ИААС-Македонија за годинашниов фестивал подготвува програма во чии рамки учесниците од повеќе земји ќе можат да ги истражат убавините на Македонија.
Студентите кои ќе учествуваат на фестивалот своите уметнички таленти ќе ги покажат во неколку уметнички колонии.
Главен мотив и инспирација на фотографиите, сликите и поезијата, според организаторите, ќе бидат недопрените убавини на Македонија, како што се мегалитската опсерваторија Кокино, камените фигури од Куклица, Кратовско, манастирот Св. Тројца во село Скачковци, Колешинските и Смоларските водопади, Дојранско езеро, каде што гостите ќе се запознаат со традиционалниот начин на риболов, Тиквешкиот и Повардарскиот регион, каде што се планирани посети на неколку винарски визби и на земјоделско-прозиводни капацитети.
ИААС е Меѓународно здружение на студентите по земјоделство и сродни науки, основано во 1957 година во Тунис, чии комитети се раширени во универзитети во над 40 земји низ целиот свет. Националниот комитет на ИААС Македонија е основан во 1998 година на Земјоделскиот факултет во Скопје.