-->

Министерот Димовски во посета на Словенија

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска и утре престојува во Словенија каде ќе учествува на Меѓународниот саем за земјоделство во Горна Рабгона.

Работниот дел од посетата министерот Димовски го започна со посета и средби во општината Бенедикт, успешен пример за рурален развој. Градоначалникот на општината Милан Гумзар го запозна министерот со начинот на кој се спроведувани проектите во оваа средина и начинот на кој тие се финансирани.

Развојот и проектите спроведени во оваа словенечка општина може да послужат како пример и за развој на руралните подрачја во Македонија.

Словенија е партнер во еден пилот-проект што Македонија ќе го спроведува за рурален развој во кичевското село Манастирски Доленци, кое според вклучените во проектот од словенечка страна има потенцијал за развој на селски туризам и еко-производство.

- Во Словенија гледаме не само како на партнер, туку и на пријател, кој ни подаде рака за да одиме таму каде што се стремиме и каде треба да бидеме, рече на средбата во локалната самоуправа министерот Димовски.

Проектот „Рурално село“ ќе биде тема и на средбата на министерот Димовски со неговиот словенечки колега Милан Погачник, на која ќе стане збор и за идната соработка.

Министерот за земјоделство, шумрство и водостопанство Димовски утре ќе присуствува на Меѓународниот саем за земјоделство во Гордна Радгона, а ќе учествува и на Семинарот за проценка на ризиците - од нива до трпеза во организација на ЕФСА.

Саемот се одржува по 47-ми пат. Организатори на манифестацијата се словенечкото Министерство за земјоделство и Саемот во Горна Радгоња. Најавено е саемот да го отори претседателот на Словенија Данило Тирк.


                                                                                              [ 30-08-2009 ]

 

Copyright © 2009 selotejp.com