-->

Почина писателот на две руски химни

Во 97. година од животот вчера во Москва почина познатиот руски писател Сергеј Владимирович Михалков.

Покрај тоа што многумина го паметат како детски писател и поет, Сергеј Михалков беше автор на текстови на две химни, советската и сегашната руска химна. Во еден период беше и претседател на сојузот на писатели на Русија.

Сергеј Михалков е татко на двајца познати руски режисери: Никита Михалков и Андреј Кончаловски, кој го носи презимето на мајката.

Стариот писател во последно време престојуваше во познатата болница Бурденко во Москва. Сергеј Владимирович го сметаат за класик на руската литература, поет и баснописец. Во Втората светска војна Михалков беше и воен новинар.

Во 1943 година тој го напиша текстот на советската химна, а потоа во 1977 ја направи нејзината измена. Подоцна ја напиша и химната на Руската Федерација. Сергеј Михалков е роден во Москва на 28 февруари 1913 година.

Тој е добитник на бројни награди. Неговата прва сопруга беше писателката Наталија Кончаловска, внука на големиот сликар Василиј Суриков. По смртта на сопругата, во 1997 година Михалков се ожени со Јулија Суботина.

Покрај големиот број поклоници, Сергеј Михалков имаше и многу противници во круговите на руската интелегенција. Нему, како и на синовите, многу им забележуваат што се блиски со сите власти.

Никој не им го оспорува талентот, но многумина мислат дека се „среброљупци“ и дека им е најважно да живеат комотно. Што се однесува до блискоста со политичарите на власт, тоа не може да се оспори. Очигледно, синовите го наследиле тој „талент“ од таткото.


                                                                                              [ 28-08-2009 ]

 

Copyright © 2009 selotejp.com