-->

Ноел Галагер го напушти Оазис

Авторот и гитарист Ноел Галагер (42) најави заминување од британскиот рок бенд Оазис, откако имаше расправа со неговиот брат Лиам (36), со што во петокот е откажан нивниот концерт кој беше закажан за во Париз.

Ноел се извини поради откажувањето на концертите, објавувајќи дека го напушта еден од најголемите британски поп бендови поради разлики во мислењето со неговиот брат Лиам.

- Ја напуштам групата со голема тага и жалење. Луѓето можат да пишуваат што сакаат, но јас веќе не можам да соработувам со Лиам ниту еден ден, објави Ноел Галагер на интернет страната на групата.

Конфликтите помеѓу браќата Галагер траат веќе подолго време, а во последните неколку месеци воопшто и не комуницирале. На концертите доаѓале одвоено, престојувале во различни хотели, а се гледале само на сцената.

Шпекулациите за распадот на бендот се засилиле кога бил откажан нивниот настап на фестивал "В" во Шелмсфорд минатата недела. Освен на концертот во Париз за кои се продадени 30.000 влезници, требало да настапат во Италија и Германија.

Браќата Галагер ја формирале групата во Манчестер 1991 година и тие беа единствените оригинални членови кои останаа во групата уште од првиот ден. Оазис прерасна во еден од највлијателните британски рок бендови на новата генерација.

Во целиот свет имаат продадено повеќе од 50 милиони албуми. Во нивните успеси се вклучени и осум британски број еден синглови.


                                                                                              [ 29-08-2009 ]

 

Copyright © 2009 selotejp.com