-->

Се повеќе дрога и зависници во училиштата низ Македонија

Околу пет отсто од 4.500 анкетирани средношколци одговориле дека дрогата може да се најде во училиштата, покажува истражувањето од минатата година, кое ги опфатило само 16-годишниците во 22 града и во две третини од средните училишта во Македонија.

Според истражувањето на невладината „Контакт“, 5,5 отсто искусиле марихуана, а од нив 10,4 се ученици од Скопје. Според компаративните анализи, има пад на процентот зашто во 1999 година на ниво на држава марихуана пробале 8,1 отсто. Помалку од еден процент од испитаните имале контакт со други видови дрога. Најмногу (шест проценти) земале седативи и клупски дроги.

До 2011 година треба да биде подготвена национална програма за превенција од злоупотреба на дроги во училиштата во Македонија. Од 2008 година се спроведува проект со обуки и програми кои ќе послужат за изработка на ефикасна и функционална програма. Се користат искуства од земјите на Европската унија, а реализатори се невладината организација ХОПС - Опции за здрав живот и Институтот од Холандија за ментално здравје и зависност - Тримбос. Проектот е финансиски поддржан од програмата МАТРА на Министерството за надворешни работи на Холандија.

Во втората фаза на проектот која ќе почне од септември ќе се вклучи и Министерството за образование и наука. Министерот Никола Тодоров денеска потпиша меморандум за соработка со претставниците на ХОПС и Институтот Тримбос.

МОН ќе ги набљудува и проценува активностите во трите средни училишта на пилот-проектот - „Боро Петрушевски“ во Скопје, „Никола Штејн“ во Тетово и „Јане Сандански“ во Струмица. Во првата фаза е подготвен прирачник за превенција од дроги, а во следната фаза обуките ќе бидат фокусирани на доедукација на наставниците. Во соработка со МОН ќе биде формирана и експертска група за воспоставување и проширување на програмата за превенција од злоупотреба на дроги во другите училишта во Македонија.

- Програмите од проектот ги вклучуваат семејствата и заедницата преку нивно активно учество при утврдување на проблемите, потребите, изнаоѓањето решенија и спроведување на активностите, истакна министерот Тодоров.

Холандската амбасадорка Симоне Филипини рече дека Холандија има добра политика за проблемот иако, како што рече, нивниот пристап кон дрогата, како и кон сексуалноста и евтаназијата, многу други европски земји го сметаат за неприфатлив и премногу либерален.

- Но, мислам дека оваа соработка ќе каже нешто друго, зашто резултатите на нашите политики се многу добри. Суштината на нашиот пристап е во врска со отвореност, слободен избор и со толеранција кон одредени избори, пристап кон услугите и декриминализација. Македонија зема прогресивен и модерен пристап кон обучувањето и подучувањето на децата како да се однесуваат со дрогата, рече Филипини и додаде дека Институтот Тримбос е одличен избор за соработка поради неговото богато домашно и меѓународно искуство.


Сподели                                                                                                                 [ 19-07-2009 ]


 

Copyright © 2009 selotejp.com