-->

Лидерска средба посветена на евроатлантските процеси

Лидерите на најголемите парламентарни политички партии, денеска треба да одржат заедничка средба на која ќе се разговара за прашања важни за ЕУ и НАТО интеграцијата.

На средбата што ја иницира премиерот Никола Груевски, своето присуство го потврдиле првите луѓе на СДСМ, на ДУИ и на Нова Демократија, Бранко Црвенковски, Али Ахмети и Имер Селмани. Лидерот на ДПА Мендух Тачи не потврдил дека ќе учествува во разговорите, информираат од Кабинетот на премиерот Груевски.

Претседателот на Владата и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Груевски вчера испрати писмо со покана за лидерска средба до првите луѓе на најрелеватните парламентарни партии во земјата.

Првпат покана за учество на лидерска средба доби претседателот на Нова Демократија Имер Селмани за, како што објаснуваат од Владата, Албанците да имаат релеватни претставници на средбата. Лидерот на ДПА Тачи ја напушти последната лидерска средба што се одржа пред вонредните парламентарни избори во март.

Оваа лидерска средба се одржува во пресрет на извештајот на Европската Комисија за прогресот на Република Македонија и севкупните Евро-атлански интеграции кои, како што наведе премиерот во поканата, се од големо значење за Македонија. Разговорите ќе бидат во контекст на продолжување на редовните консултации на Владата со релевантните политички субјекти во земјата.

Се очекува на средбата претставниците на политичките партии да ги усогласат ставовите и да се изнајде политички консензус за реформите и останатите суштински прашања од значење за ЕУ и НАТО перспективите на Македонија.

- Владата на Република Македонија ги прави сите неопходни напори за да добиеме позитивен извештај од Европската комисија, но и во контекст на целата евро-атланска агенда, и во таа насока е и оваа иницијатива, се наведува во писмото што вчера премиерот Груевски го испрати до лидерите на најрелевантните парламентарни партии во земјата.

Лидерската средба се одржува еден ден по посетата на еврокомесарот за проширување Оли Рен на земјава, кој упати јасна порака дека ова може да биде година на Македонија доколку земјата успешно ги доисполни условите што произлегуваат од осумтте одредници од извештајот на ЕК за напредокот на земјата. Реални се шансите Македонија на есен да добие датум за преговори за членство во ЕУ, смета Рен кој ја пофали Македонија за исполнувањето на условите за визната либерализација.


Сподели                                                                                                                 [ 26-07-2009 ]


 

Copyright © 2009 selotejp.com