-->

Најдолго помрачување на Сонцето во 21. век

Стотина милиони жители во поголемиот дел од Азија изутринава имаа можност да го набљудуваат најдолгото помрачување на Сонцето во 21. век.

Целосното помрачување почна рано изутринава (во 1:58 минути по средноевропско време) во западниот дел на Индија. Тоа беше видливо во појас широк околу 250 километри, кој се движеше од Индија, Бангладеш, Непал, Бутан, Мјанмар и Кина, со најдолго траење од шест минути и 39 секунди над Пацификот, соопшти американската разузнавачка вселенска агенција НАСА.

Точно во шест часот и 23 минути по локално време, по разденувањето, повторно настапи ноќ во индиската држава Гуџарат, во западниот дел на земјата и потоа со појас долг 15 илјади километри и широк 250 километри се ширеше се до јужните јапонски острови Рјукју.

Во една слабо населена зона на Пацификот, Месечината целосно го прекри Сонцето цели шест минути и 39 секунди, што е своевиден рекорд, кој нема да биде соборен се до 2132 година.

Во Индија помрачувањето траеше пократко, односно од три до четири минути, а во Шангај траеше околу пет минути.

Помрачувањето на Сонцето ги поттикна трговијата и туризмот во Индија и Кина, каде постојат најдобри услови за набљудување на овој феномен.

Управата на Паркот на скулптурите во Шангај, кој претставува најдобро место за набљудување во градот, соопшти дека за денеска продала две илјади влезници со специјални очила и маици произведени за овој настан.

Илјадници Јапонци, Американци, Европјани и Кинези уште пред неколку месеци резервираа соби во хотелите.

Во Индија и во Кина во приказните и митовите помрачувањето на Сонцето се претставува како најава за среќни, но и за несреќи случувања.


Сподели                                                                                                                 [ 23-07-2009 ]


 

Copyright © 2009 selotejp.com