-->

Microsoft ќе ги храни гладните

Дали станува збор за неподносливото секојдневие кое им го создаваат конкурентите, за огромната хуманост или за комбинација од двата предуслови, не знаеме. Она што го знаеме е дека со секое превземање на Internet Explorer 8, Microsoft ќе дарува 8 оброци на гладните Американци.

Со кампањата која ќе трае до 8-ми август под името „Browser for the Better“, со секое симнување на веб пребарувачот од официјалната веб-страна на кампањата Microsoft ќе подари пари за 8 оброци на здружението Feeding America, се додека донациите не ја достигнат сумата од еден милион долари. Кампањата симболично започна со еден уметнички проект во кој од лимени конзерви за храна беа направени макети на Емпајар Стејт Билдинг и мостот Голден Гејт.

IE8 е бесплатен за симнување и користење и вклучува новитети како што е опцијата In-Private Browsing (или по нашки „порно алатката“ :) ) која не регистрира „колачиња“ (cookies), историја, привремени датотеки и лозинки.

Според последните статистички податоци, третата верзија на Mozilla Firefox зазема 35% од вкупниот удел на пазарот, со што веќе го престигна Internet Explorer 7, прелистувачот на Microsoft со кој сурфаат 34% од интернет корисниците во светот.

 

Copyright © 2009 selotejp.com