-->

Словенечки "Рико" ја продолжува добрата соработка со Македонија

Од раководството на „Рико“, компанија која во Македонија ја гради хидроцентралата „Св. Петка“, велат дека досегашната добра соработка со Македонија ја продолжуваат и натаму.

Покрај изградбата на хидроцентралата на реката Трeска, Јанез Шкрабец, сопственикот на „Рико“, најавува интерес за учество на новиот тендер за изградба на хидроцентралите Чебрен, Галиште и Бошков Мост, како и за и проектот Вардарска долина, односно каскадните централи на реката Вардар. -Има голем интерес од многу фирми за овие хидроцентрали, вели Шкрабец, но очекува на тендерот фер игра и од страна на оние кои ги издаваат концесиите и оние кои учествуваат на тендерот. „Рико“ веќе учествуваше на тендер за изградба на овие хидроцентрали.

„Рико“ има искуство во изградба на хидроцентрали, не само во Македонија, туку и во Словенија и Украина. Слично на она што го работи во Македонија, хидроцентралата „Св. Петка“ е „Бланца“ на Сава во Словенија, која е дел од петте хидроцентрали на реката чија вкупна исталирана моќ ќе биде 150 мегавати. Разликата меѓу „Бланца“ и „Св. Петка“, вели Матијаж Голтеш, одговорен на проектот „Св. Петка“ е теренот и геологијата, која всушност е еден од факторите што влијаеше на пролонгирање на работите и пробивање на првично предвидениот план за завршување на изградбата во 2009 година. Голтеш вели дека покрај тоа што на терен се соочиле со поинаква состојба од она утврдена со геолошките истражувања, на одложување на рокот за завршување на изградбата влијаела и промената на законодавството во Македонија, според кое уште на почетокот требало да изработат дополнителен план кој претходно при пријавувањето на тендерот не бил планиран. -Работите се интензивирани сега и се работи во три смени за да може да се завршат работите“, вели Голтеш. Од „Рико“ потенцираат дека и во однос на планираната инвестиција е претрпена промена, како и кај сите хидроцентрали што се градат во светски рамки, бидејќи цената на светскиот пазар расте и во моментов изнесува околу 2,5 милиони евра на инсталиран мегават. Оттаму, појаснуваат, и централите „Бланца“ која првично било предвидено да вредни 60 милиони евра, вредноста на крајот е 100 милиони евра.

Компанијата работи на повеќе проекти во Украина, Русија и Белорусија, а за Македонија освен делот од енергетиката велат дека се подготвени за повеќе проекти и во областа на екологијата со цел Македонија да стане еколошка земја.

-На ова поле во Македонија добро соработуваме. Почнавме со еден проект за изработка на национална стратегија за управување со отпад со Министерството за животна средина и просторно планирање, а сега ќе работиме на проект за изработка на национална стратегија за управување води, велат во „Рико“.

„Рико“ во Македонија ќе ја изработува и комунално пречистителна станица за отпадни води во населбата „Волково“ во општина Ѓорче Петров, за што веќе е потпишан договор. Проектот е вреден близу шест милиони евра за што е обезбедена и донација од словенечката Влада. Изградбата треба да заврши за три години.

Компанијата има дадено понуда и за проект за изградба на инценератор за медицински отпад.

 

Copyright © 2009 selotejp.com