-->

Актерско и тематско разнообразие

Со претставата "Лидија" на Кумановскиот театар, а во изведба на актерката Вера Ристовска, синоќа се спушти завесата на 11. Меѓународен фестивал на монодрама што веќе традиционално се одржува во Битола.

Тоа беше 12-тата и последна претстава на фестивалот, по што петчленото жири во состав: Петар Темелковски (претседател), Ангелина Роска, Нина Мазур, Трајче Кацаров, и Урсула Верденберг одлучуваше за единствената награда Гран при за најдобра претстава во целина.
Резултатот и најдобриот жирито ќе ги соопшти денеска изутрина. Покрај оваа награда се доделува уште една за која ќе одлучува публиката, составена од жири - гледачи кои во текот на фестивалот проследиле најмногу претстави. Најдобриот од оваа категорија ќе добие плакета од градот Битола.

Инаку, пет дена (17-21 јуни) фестивалска Битола живееше со актерите, монодрамски, проследувајќи ги повеќе или помалку успешните перформанси и актерски способности на уметници од Србија, Бугарија, Хрватска, Украина, Грција, Израел, БиХ, Косово, Полска, Бугарија и домаќинот Македонија. Единствените гости кои не дојдоа се оние од Молдавија.

Општиот впечаток е дека помина уште еден успешен фестивал на монодрамата во Битола, каде според реакциите и она што се говореше на тркалезните маси можеше да се види едно тематско и актерско разнообразие, кое во крајна линија продуцираше еден професионален квалитет на високо ниво. Инаку, претставници од Македонија беа и уште "Незавршена приказна" со актерката Емилија Андреева на Градскиот театар и театарот Македонија и "Кројцерова соната" со Милорад Ангелов, на Штипскиот театар.

 

Copyright © 2009 selotejp.com