-->

Исхрана за недоносено бебе

Исхраната е многу важна за подигнување на предвреме роденото бебе. При тоа, треба да се знае дека недоносеното бебе со помала тежина (под 1 800 грама) нема развиен рефлекс за цицање и за голтање, така што нив мора да ги храни добро подготвен средно-медицински персонал.

Предвреме родените деца се хранат со сонда која им се става во желудникот. Доколку е развиен рефлексот за голтање, можат да се хранат со лажичка или пипета, а ако е развиен и рефлексот за цицање, тогаш можат да се дојат или да се хранат со шише.

Доколку не се води сметка за овие рефлекси, многу лесно доаѓа до внесување млеко во белите дробови на бебето, а тоа претставува огромна опасност и по самиот живот на истото ( аспирациона пневмонија ). Друг важен момент е давањето соодветна храна уште во првите 24 часа од раѓањето. Најдобро е тоа да биде мајчиното млеко или млекото од друга доилка.

Бидејќи можноста од закиселување на организмот ( ацидоза ) е поголема кај предвремено родените бебиња, се препорачува хипертонична гликоза уште во текот на првите 24 часа. На овој начин се спречува и настанувањето на хипогликемија односно намалување на шеќерот во крвта.

Во извесна мерка, мајчиното млеко претставува и “разблажена” храна за порано родените бебиња. Имајќи предвид дека ним им е потребна богата храна ( со белковини, витамини и минерални соли ) заради брзо напредување и раст, се препорачува додавање на некој белковински препарат.

Покрај мајчиното млеко, особено ако го нема во доволни количини, може успешно да се применува и некое млеко во прав. Бројот на оброци, се препорачува да биде исто како и кај навреме родените деца. Тоа значи дека бебето треба да се храни на секои три часа во текот на првиот месец, односно седум пати во текот на 24 часа ( и ноќе ). После првиот месец, бројот на оброци се намалува на 6, а подоцна и на 5 пати.

Со правилна нега и правилна исхрана, а особено со заштита од инфекции, на овие деца им се обезбедува правилен развој.

 

Copyright © 2009 selotejp.com