Шефот на Управата на федерални резерви на САД (Фед), Бен Бернанки исто така очекува зајакнување на американското стопанство и предвидува крај на рецесијата до крајот на оваа година.
Меѓутоа, американскиот пазар на трудот и натаму ќе остане проблематичен, наведуваат експертите на Комитетот, со напомена дека стапката на лицата кои се без работа во текот на првиот квартал од идната година ќе се зголеми на околу 10 отсто.
Комитетот прогнозира благ пад на стапката на невработеноста во САД на крајот на идната година до ниво од 9,5 отсто. Моментно во првата економска сила на светот, според официјалните податоци без работа се 9,4 проценти од вкупната работна сила.
Како позитивна вест аналитичарите на Комитетот ја наведуваат и стабилизацијата на побарувачката од потрошувачите, која инаку опфаќа околу две третини од американското стопанство.
Потрошувачката сега е во подобра состојба, откако кон крајот на минатата година драстично опадна, истакнува Касмен и додава дека во текот на последните неколку месеци бизнисмените ги намалиле резервите на разната стока ширум САД, а тоа треба позитивно да делува на националниот пазар на трудот.
Голем проблем и натаму останува недоволниот кредитен потенцијал на ослабениот банкарски сектор, бидејќи според најновите податоци на Министерството за финансии на САД, кредитите на групите од 20 големи домашни банки во април паднале по четврти пат во изминатата половина година.
Имено, вкупните кредити на 21 голема американска банка се намалени во текот на април во однос на март за 0,8 отсто на 4,34 билиони долари.
Комитетот исто така очекува дека во текот на 2009 година американскиот пазар на недвижности ќе зајакне, што би овозможило тој сектор првпат во последните неколку години позитивно да делува на растот на вкупното стопанство во САД.
Најнов показател дека состојбата на станбениот пазар се подобрува е податокот дека изградбата на нови куќи и апартмани во мај е зголемена, сметано на годишно ниво, за 17,2 отсто - на 532.000 единици. Аналитичарите претходно предвидуваа дека тој број нема да биде поголем од 500.000.
Касмен смета дека рекордно високиот американски буџетски дефицит, кој за оваа година е предвиден на 1,85 билиони долари, на подолг период ќе остане „јасен предизвик за стопанството во САД“, дури и ако во меѓувреме се оствари позитивен раст.
Од останатите економски показатели експертите на Комитетот укажуваат на многу ниската тековна инфлаторна стапка, која според нивната оценка, ќе овозможи на Фед да го задржи сегашното нулто ниво на референтната камата се до второто полугодие од идната година.
Потрошувачките цени во САД, исклучувајќи ги цените на храната и енергијата, ќе паднат за еден отсто до крајот на оваа година. Аналитичарите проценуваат дека инфлаторната стапка на крајот на мај е зголемена за 1,8 отсто во однос на истиот лански период.
Инаку, податоците на американското Министерство за труд покажуваат дека индексот на цените на производите во САД во текот на периодот од една година, заклучно со минатиот месец, опаднал за пет отсто, што е најголем пад на овој показател во изминатите шест децении.