-->

Моќен мултимедијален спектакл синоќа на плоштад

Раскошно и моќно синоќа звучеше плоштадот „Македонија“ од мултимедијалниот спектакл на Македонската филхармонија, насловен „Види музика, слушај слика, доби книга“.

За Скопјани ова беше невообичаено доживување, атрактивно консумирање на уметност на отворен простор.

„Целта е воопшто да се доближи уметноста, културата до поширок круг на љубители на уметност, односно оние што можеби не ја запознале толку добро одблизу уметноста, да ја запознаат и да ја засакаат повеќе“, рече Маја Чанаќевиќ, директор на Македонска филхармонија.

Плоштадот беше преполн со посетители од сите генерации, љубители на класичната музика, но и посетители кои сакаат да бидат дел од овој фантастичен настан.

„Овој простор од плоштадот е сосема неискористен, не само концерти, и други манифестации, забави треба да се одржуваат на плоштад за да заличиме на плоштадите во светските метрополи“, вели посетителка.

Убаво е да се види дека плоштадот е преполн со луѓе, а не поради политика, туку заради музика, ни изјави Љубе Бошковски кој со своите пријатели дојде да го проследи концертот.

„Толкав број на обожаватели на посебната, сериозната музика во овој град во РМ е доказ за оправданоста на оваа манифестација, на оваа вечер“, рече Љубе Бошкоски.

Фантастичен настап имаа оперските ѕвезди Ана Дурловски и Благој Нацоски, на големи платна сликаа Симонида Филиповска и Нехат Бекири, а се доделија и бесплатни примероци од романот „Новела за сонот“ од Шницлер.

 

Copyright © 2009 selotejp.com