-->

Експеримент на јапонски начин

За неколку месеци исклучително заразна болест ќе погоди едно јапонско основно училиште. Епидемијата ќе ја започнат неколку ученици, кои ќе ги инфицираат останатите. Не, не станува збор за филмско сценарио.

Станува збор за експеримент кој го финансира јапонската влада, а во кој Softbank корпорацијата - најголемиот јапонски интернет провајдер и телекомуникациска компанија, ќе предложи систем во кој со користењето на мобилни телефони ќе се ограничи ширењето на пандемијата.

Точните детали допрва треба да бидат утврдени, но се знае дека ќе биде избрано основно училиште со околу 1.000 ученици на кои ќе им се поделат мобилни телефони кои имаат GPS. Локацијата на сите ученици ќе биде снимана во секој момент. Неколку избрани ученици ќе бидат „заразени“ и нивното движење ќе се спореди со движењето на останатите.

Благодарејќи на GPS податоците, ќе се види кој дошол во контакт со „заразените“ и потоа со смс пораки семејствата на загрозените ќе се известуваат дека треба да посетат доктор. Во случај на реална епидемија, овој систем би можел да ја ограничи појавата на нови заболени.

Истражувањата покажуваат дека ако инфицираната личност зарази тројца луѓе дневно, на десеттиот ден од започнувањето на ширење на вирусот бројот на заразени би бил 60.000. Ако еден заболен дневно зарази двајца нови, и така во круг, на десеттиот ден заболени би биле 1.500 души.

Ова е само еден од 24-те проекти кои владата на Јапонија ги одобри со цел да се промовираат нови начини за користење на јапонската мобилна и интернет инфраструктура.

 

Copyright © 2009 selotejp.com