Натпреварот започна со теренска иницијатива на кариоките, но нивните напади најчесто завршуваа во средината на полето на САД. За разлика од нив, Американците во првата посериозна шанса го отворија резултатот и најавија изненадување во Конфедерацискиот куп. Во 10. минута Демпсеј ги доведе САД до водство од 1-0.
По примениот гол Бразилците почнаа поажурно и поефективно да се закануваат кон голот на Хауард. Најпрво Робињо се обиде со шут од страна, но Хауард успешно ја елиминираше опасноста. Потоа се обидоа и Кака и Луис Фабијано, но до изедначување на резултатот не дојде.
И покрај нападите на репрезентатиците на Бразил, во 27-та минута Американците успеаа на средината на теренот да пресечат една топка и со брз и школски изведен контра напад од страна на Дејвис и Донован, успеаа да го зголемат резултатот на 2-0.
На стартот од второто полувреме, во 37-та секунда од вториот дел, кариоките се вратија во живот преку Луис Фабиано со фантастичен гол од работ на шеснаесетникот.
Во текот на второто полувреме видовме вистинска опсада кон голот на Хауард, која беше крунисана во 75. минута. Најпрво Рoбињо не успеа да го искористи снајперски прецизното проигрување од Кака, но топката удри во гредата и се одби до Луис Фабиано, на кого не му беше тешко да го постигне својот петти гол во рамките на Купот на Конфедерации и да го израмни резултатот (2-2).
Кариоките не беа задоволни и со израмнувањето на резултатот, па тргнаа на целиот плен, победа и освојување на пехарот за победници на Конфедерацискиот куп. Целта ја остварија во 84. минута кога Елано нафрли од корнер, а Лусио од непосредна близина со удар со глава по трет пат го совлада Хауард.
Ова беше шеснаесетиот натпревар помеѓу овие две селекции, во кои до сега САД има забележано само една победа, а Бразил 15.
[ 29-06-2009 ]