-->

Спот “Македонија - вечна“ во режија на Игор Иванов - Изи

Екипа од осумдесет члена, предводена од режисерот Игор Иванов - Изи, го изработи вториот спот за туристичка промоција на земјава “Македонија - вечна“ што премиерно беше прикажан денеска. Режисерот Изи, изрази задоволство зашто, како што рече, во време кога сите се занимаваат со политика, тој добил уникатна можност да биде со убавините на Македонија.


“Овој спот и е потребен на Македонија, посебно поради сензитивниот период низ кој поминува. Сценариото за спотот е предадено во исто време со спотот на режисерот Милчо Манчевски, но критиките не ме поколебаа да го направам спотот, а сценариото не е менувано“, изјави Игор Иванов – Изи.

Спотот е направен по нарачка и е финансиран од Владата, чиј претставник - министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, денес присуствуваше на промоцијата, како и бројни уметници и гости од македонската естрада.

Екипата што работеше на ова дело е интернационална, составена од врвни филмски професионалци од Македонија, Англија, Хрватска, Словенија, Србија и Белгија.

Директор на фотографија е Џајлс Натџен, музиката е на Златко Ориѓански, сценограф е Игор Тошевски, монтажер – Нина Велниќ, а костимите се на Жаклина Крстевска и Бланка Будак. Во реализација на проектот учествува и консултантсакат компанија “Пристоп МК“.

Продукцијата е работена од 1 април до 10-ти јуни, на познати и атрактивни туристички локации во Охрид, Скопје, Матка, Витачево, Галичник, Јован Бигорски, Струмица, Стоби... Снимен е на 35 милиметарска филмска лента, а користена е високо-професионална техника која вклучуваше три филмски камери, специјална камера на хеликоптер, најсовремена сценска техника и осветлување. Пост-продукцијата се одвиваше во Словенија, Австрија, Хрватска и Македонија.

Спотот од понеделник ќе се емитува на CNN.

 

Copyright © 2009 selotejp.com