На астрономите им беа потребни пет години да сфатат дека веројатно забележале планета која не припаѓа на нашата галаксија. Тие уште во 2004 година го набљудувале необичниот феномен „микроленсинг“, додека ја проучувале галаксијата Андромеда, која со голо око може да се види како замаглена дамка.
Меѓународниот научен тим тогаш мислеше дека користејќи го телескопот на Канарските острови, забележал неколку ѕвезди кои кружат една околу друга.
Но, компјутерските симулации и другите експерименти и пресметки ги убедија научниците дека всушност забележале ѕвезда и планета, која е шест пати поголема од Јупитер, како кружи околу неа.
Повеќе од 300 таканаречени „егзопланети“, кои кружат околу ѕвезда се откриени во нашата галаксија, но досега не е потврдено откривање на планета во друга галаксија.