-->

Кнедла в грло

Во лекарските ординации честопати доаѓаат пациенти кои се жалат дека не можат да голтаат, оти во грлото како да им стои кнедла. Овој проблем не се јавува кога лицата јадат или пијат, туку само кога ја голтаат сопствената плунка. Чувството е непријатно и обично е поврзано со кашлица, треперење и слични знаци на нервоза.

Сепак не е јасно како се јавува чувството дека нешто ви стои в грло. Постарите лекари овој проблем го нарекоа „Globus hystericus“, следејќи ги Фројдовите теории за проблемите кои немаат органска причина, а сепак ги мачат пациентите и тоа најчесто припадничките на женскиот пол.

Фројд оваа состојба ја нарекол „хистерија“, сакајќи на тој начин да објасни дека проблемот е последица на „незадоволната жена“, односно нејзината незадоволна матка („hystera“ на грчки).

Секако и Фројд ова не го користел во буквална смисла. Хистеријата останала само фигуративно поврзана со женските органи, односно со женскиот пол. Денеска овие симптоми ги вбројуваме во неоргански, психогени, неуротични, а народот едноставно вели „на нервна база“. Некои луѓе овие симптоми не ги сфаќаат сериозно, но други се особено загрижени.

Првото на што помислуваат пациентите е штитната жлезда, но тоа нема никаква врска. Не станува збор за болест, туку за чувство. Од друга страна, болните со особено зголемена тироидна жлезда (струма) немаат такво чувство, дури ни оние кои навистина имаат проблеми при голтањето поради притисокот на струмата врз вратните органи. Ним им е тешко да ја голтнат храната, а да не го почувствуваат „залакот“.

Кај овие пациенти лекарот не смее да биде неодлучен. Така само му потврдува на пациентот, односно на неговата свест дека „тука сепак има нешто“. Не треба да се препишуваат седативи. Не постои специфичен лек кој го отстранува овој симптом. Логиката дека кај болестите на „нервна база“ помагаат лековите за смирување, секако не е точна. Пациентот ќе почне да се сомнева во дијагнозата бидејќи лекот нема да му делува..

Вклучете психолог

Кнедлите в грло бараат внимателен пристап од лекарот или психологот. Пациентите добиваат објаснување дека станува збор за чувство и оти ништо реално им се нема заглавено в грло. За да го прифатат овој факт, се прави внимателен преглед на грлото, штитната жлезда, ултразвучен преглед на вратниот регион, ако е потребно и рендгенски преглед на хранопроводот со бариумска паста.

Откако пациентот ќе се увери дека во грлото нема ништо, треба да му се дадат неколку совети: да не ја голта плунката на суво, ако баш мора, прво нека го навлажни грлото или го зголеми лачењето на плунката со пеперминт, гума за џвакање или Ц витамин. Најдобро е ако успееме да го увериме пациентот дека симптомот ќе мине за неколку минути или часа.

 

Copyright © 2009 selotejp.com