Триесеттото „Скопско лето“ официјално почнува со операта „Плаштот“ на Пучини во изведба на Македонската опера, која ќе се случи под отворено небо на плоштадот „Македонија“ во 21,30 часот. Претходница на операта во која, под диригентство на Саша Николовски-Ѓумар, а во режија на Цветан Стојановски ќе настапат македонски солисти, е ликовната изложба „Моделот како Матрикс и Метафор“, која доаѓа од збратимениот град на Скопје, Нирнберг, а која ќе биде поставена во Музејот на град Скопје во 20,30 часот.
Годинашново „Скопско лето“, кое по традиција е во организација на Дирекцијата за култура и уметност, ќе трае до 31 јули, и во четириесетте летни дена се содржани 72 проекта, најголем дел музички концерти од скоро сите жанрови, театарски претстави, ликовни изложби, но и мултимедијални перформанси што ќе се одвиваат на различни локации низ Скопје. „Скопско лето“ и годинава, покрај домашните уметници, ќе биде домаќин на уметници и ансамбли од 15 други држави.
„Оваа манифестација 30 години расте и се развива заедно со публиката и уметниците. Триесет години можеби не се многу ако се спореди ’Скопско лето‘ со некои други светски манифестации, но среќни сме што успеавме да ја достигнеме нашата зрелост“, рече директорот на Дирекцијата за култура и уметност, Никола Глигоров, на вчерашната прес-конференција. „Манифестацијата и денес се обидува да ја задржи својата препознатлива концепција, но и подлабоко да нурне во творечките достигнувања заедно со уметниците“.
„Големо задоволство е што Музејот на град Скопје и годинава соработува со ’Скопско лето‘, особено што и оваа институција годинава одбележува јубилеј - 60 години постоење. Манифестацијата ќе се отвори со изложба на пет уметници од Нирнберг, Германија, што е возвратна изложба на онаа која беше поставена во овој збратимен град на Скопје, на ликовниот уметник Павле Кузмановски“, рече Јован Шурбановски, директор на Музејот на град Скопје. Дејан Прошев, пак, директор на Македонската опера, истакна дека претставата „Плаштот“, поради нејзината содржина и кусо траење, ќе биде привлечна за пошироката публика.
Она што првично се издвојува од настаните кои годинава ќе го одбележат „Скопско лето“ се концертите на Симон Трпчески и пријателите, потоа концертот на кој премиерно ќе прозвучи „Вокална симфонија“ од Димитрие Бужаровски, концерт на новоформираниот Младински оркестар на „КултурОп“ со диригентот Илич Ривас од Венецуела, концерт на Драган Даутовски и неговиот квартет, промотивен концерт на групата НАВ и Вања Лазарова, на македонскиот женски ансамбл „Скопје лејдис оркестра“, заедничкиот концерт на кралицата на бас-кларинетот од Велика Британија, Сара Вотс, со македонскиот композитор Мирослав Спасов, концерт на Џез-оркестарот од Хрватска HGM, со кој свечено ќе се затвори манифестацијата.
Од ликовните перформанси впечатлив е оној на ДЛУМ под насов „Градот убав пак ќе никне“ кој ќе се одржи на 23 јуни. На новинарско прашање дали овој настан е поврзан со неодамнешните протести на студентите од Архитектонскиот факултет, а кои за своевидна химна ја имаа токму оваа песна по која е насловена и изложбата, кураторот Маја Чанкуловска рече дека изложбата нема никаква врска со протестите на плоштадот, туку дека е дел од еден поголем проект насловен „Скопски урбани приказни“.
На „Скопско лето“ љубителите на уметноста ќе имаат можност да ја видат и изложбата „Сликање со помош на оган“ на Ѓорѓи Пап од Унгарија, изложбата „Филантропски пориви 1 и 2“ на Славица Јанешлиева, изложба на стрип и промоција на книга на Александар Станковски... Од театарските претстави, содржани се четири на Факултетот за драмски уметности, „Ескоријал“, „Салома“, „Дома“ и „Камениот гостин“, потоа премиера на „Маркиза“ на Драмски театар, во режија на Ѕвезда Ангеловска, премиера на мултимедијалниот музичко-сценски театарски проект „Едип“ во режија на Златко Славенски на продукцијата „Планет-прес“, премиера на „Будење на пролетта“ на Турски театар, во режија на Васил Христов, како и „Граница“ на Малиот драмски театар од Битола и „Тапани во ноќта“ на Прилепски театар.
Интересни се и промоциите на книгите „(Хоро)скопски шеми (песни и пиеси-уличарки за некогашните тинејџери со пејџери и сегашните билки со мобилки)“ на Љубомир Грбевски“, книгата за Скопје од Џ. Џонстон Абрахам, „Мојот балкански дневник“, во превод на Владимир Цветковски и „Цена од ново маало“ на Владимир Плавевски.
Традиционалниот фестивал „Блуз и соул“ годинава нема да се одржи во рамките на „Скопско лето“. Глигоров вели дека причина за тоа е што овој пат сакале да му обрнат повеќе внимание на „Скопско лето“. „’Блуз и соул‘ е можеби добро да се извлече од рамките на манифестацијата. Годинава сакаме да го пролонгираме неговото одржување или да го вмрежиме во некоја друга манифестација наесен. Но, ’Блуз и соул‘ останува, зашто тој е еден од брендовите на манифестацијата“, вели Глигоров. Втората традиционална манифестација што се одржува во рамките на „Скопско лето“ е кафе-киното, која годинава ќе трае од 11 до 22 јули и ќе се одржува во Забавниот парк „Луна“.
Дизајнот на каталогот за јубилејното издание на „Скопско лето“ го претставува графиката „Македонско сонце“ од Симон Шемов, која во 2000 година беше дел од изложбата „Куќата на сонцето“.