-->

Лејкерси се новите НБА шампиони!

Езерџиите од Лос Анџелес стигнаа до својата 15-та титула во клубската историја, откако во петтиот натпревар од финалната серија во НБА лигата покажаа дека во моментов имаат повеќе трикови во ракавот од Магичните момци од Орландо.

Уште малку статистика: „зен-мастерот“ Фил Џексон ќе треба да добие нов прекар - „Господарот на прстените“, откако дојде до неговиот 10-ти шампионски прстен во лигата како тренер со што веќе стана апсолутен рекордер во НБА . Коби Брајант го заработи „само“ четвртиот, а прв како предводник на една шампионска генерација на Лејкерси. Утешителен податок за Орландо може да биде дека во оваа серија успеа да стигне барем во првата победа во една финална серија, откако пред 14 години беше збришан од Хјустон на Олајџувон и Дрекслер со 4-0.

Во последниот натпревар од НБА лигата за оваа година кој заврши со конечен резултат од 99-86 за Лејкерси, прв стрелец кај шампионите со 30 поени беше Коби Брајант, MVP-то на оваа финална серија, Ламар Одом нанижа 17, а Тревор Ариза 15. Трофејот за најдобар играч во финалните натпревари кој од оваа година го носи името на легендарниот Бил Расел на Коби му беше врачен лично и персонално токму од легендарниот „селтик“ - Расел.

Кај поразените потфрли Двајт Хауард со незначителни 11 постигнати поени со кои беше само 5-ти стрелец во својот тим утринава, во кој најпрецизен беше Рашард Луис со 18 поени и 10 собрани скокови. За овој тим на Орландо Меџик како утеха може да биде несомнениот потенцијал со кој располага оваа генерација на играчи, чие време допрва доаѓа. Можеби наредната година ќе бидат поконкурентни и ќе успеат да направат нешто што во клубската историја е незабележано - да освојат шампионска титула.

Дотогаш, сепак, почестите одат кај тимот кој после пауза од 7 години успеа да се закити со овогодинешниот примат за најдобра екипа во најсилната кошаркарска лига во светот - Лос Анџелес Лејкерс. Честитки за нив и за сите фанови!

 

Copyright © 2009 selotejp.com