Во организација на Институтoт Хајек од Виена и Институтот за економски стратегии и меѓународни односи „Охрид“, денеска во Скопје се одржа првата од серијата конференции предвидени со „Free Market Road Show 2009“, на која се дебатира за причините, последиците и за идните текови на светската економска криза.
На отворањето на конференцијата се обрати македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милишоски кој укажа на импликациите на светската економска криза не само на економски план, туку и на социјален и политички.
Според Милошоски, оваа година ќе биде тешка за сите држави, а со оглед на тоа што поголемите трговски партнери на Македонија ќе имаат помала или поголема рецесија, македонските извозни компании ќе се соочат со голем предизвик да ги задржат вработените и да успеат до периодот кога ќе почне заздравување од економската криза.
Шефот на македонската дипломатија истакна дека Владата има сериозен пристап и презема системски мерки за ублажување на последиците од глобалната криза.
Милошоски порача дека во следниот период е многу важно да се задржи добрата инвестициска клима.
- За да се постигне тоа треба да имаме добро организиран систем во кој владеењето на законот и почитувањето на склучените договори ќе бидат основните предуслови за да може секој да се чувствува еднакво третиран во земјата каде инвестирал без оглед дали е се наши или странски инвеститори, рече министерот Милошоски. Во тој контекс Милошоски изрази уверување дека за спорот меѓу енергетските компании ЕВН Македонија и ЕЛЕМ главниот збор ќе го има независниот судски систем за тој да го определи односот меѓу правните субјекти врз основа на договорите кои ги склучиле меѓусебно.
Министерот за надворешни работи укажа дека економската криза покрај големиот број невработени и предизвикување социјални тензии, има и политички импликации, а во некои земји и со менување на политичкиот баланс.
Според Милошоски, постои мала опасност економската криза да го направи посилен гласот на тие што помалку веруваат во обединета Европа и да го забави процесот на евроинтеграциските процеси. - Но, во секој случај не очекуваме малите земји аспиранти за членство во ЕУ и за визна либерализација да бидат колатерални жртви на она што е резултат на недостатоците на Волстрит. Процесот на евроинтеграциите во секој сегмент треба да продолжи, рече Милошоски.
На конференцијата дел од учесниците оценија дека Македонија треба да го искористи за подготовки времето до добивање датум за преговори за членство со Европската унија, да продолжи да ја унапредува соработката со останатите држави и активностите за добра бизнис клима со натамошно усогласување на регулативата и ниски даноци.
- Предлагам да не го губите времето и да учите од искуствата во минатото на сегашните земји членки, кои добро се подготвиле и воделе добри преговори. Ако водите добри преговори тогаш сте и добар член на унијата, изјави Моника Форстингер, поранешен министер за иновации и технологии на Австрија, одговарајќи на новинарски прашања на конференцијата.
Според Карл Јохан Вестхолм, генерален секретар на организацијата Мон Пелерин, иако Македонија е мала земја на тоа не треба да се гледа како на недостаток, туку да ги користи максимално потенцијалите и да постапува по сопствено видување.
- Немојте да мислите дека е недостаток да се биде мала земја бидејќи малото може да биде и прекрасно, а и големата грешка не е подобра од малата грешка. Соработувајте со вашите соседни земји, со Европа, со светот, но размислувајте со сопствена глава и постапувајте по сопствено видување, изјави Вестхолм.
„Free Market Road Show“ е серија на конференции на високо ниво каде бизнис лидери, универзитетски професори, политичари, економисти и новинари патуваат низ повеќе европски градови во кои остваруваат платформи за дискусија по прашања за глобалните случувања на економски план. По првпат годинава караванот почна од Скопје и до 20 мај ќе мине низ уште седум европски градови - Загреб, Подгорица, Виена, Братислава, Вадуц (Лихтенштајн), Париз и Лондон.
Целиот настан годинава се одвива под генерално покровителство на австрискиот федерален министер за европски и меѓународни односи Мајкл Шпинделегер.
Конференцијата почна на иницијатива на Хајек Институтот од Виена, а на европско ниво е поддржана од австриското Министерство за надворешни работи. За првпат конференцијата се одржа во мај лани во пет градови во Европа - Виена, Порторож, Берлин, Прага и Брисел.