Институтот за економски стратегии и меѓународни односи ОХРИД е домаќин на меѓународната конференција „Free Market Road Show 2009“, која од денеска до 20 мај ќе се одржи во осум европски градови.
За првпат годинава караванот од еминентни економски експерти ќе почне од Скопје. На конференцијата ќе се разговара за глобалната финансиска криза и светската рецесија, а ќе учествуваат околу 30-тина странски и домашни експерти, државни претставнци, амбасадори, политичари и бизнис лидери.
По Скопје ова Road Show треба да продолжи во Загреб, Подгорица, Виена, Братислава, Вадуц (Лихтенштајн), Париз и Лондон.
Целиот настан годинава ќе се одвива под генерално покровителство на австрискиот федерален министер за европски и меѓународни односи Мајкл Шпинделегер.
„Free Market Road Show“ е серија на конференции на високо ниво каде бизнис лидери, универзитетски професори, политичари, економски и новинари патуваат низ повеќе европски градови во кои остваруваат платформи за дискусија по прашања за глобалните случувања на економски план.
Конференцијата почна на иницијатива на Хајек Институтот од Виена, а на европско ниво е поддржана од австриското Министерство за надворешни работи. За првпат конференцијата се одржа во мај лани во пет градови во Европа - Виена, Порторож, Берлин, Прага и Брисел.