-->

Сите поголеми капацитети за производство на храна имаат ХЦЦП

Се уште нема прецизни податоци за бројот на домашните компании што вовеле систем за безбедност на храна ХАЦЦП, кој од јануари годинава е законска обврска. Досега се калкулираше со три, пет или 10 отсто од вкупниот број регистрирани капацитети, но тоа, според експертите, е само паушална статистика.

Инспекциските служби во првите четири месеци беа толерантни кон операторите со храна, ги контролираа и ги советуваа, но не казнуваа. Ригорозен надзор, глоби од 500 до 5.000 евра и затворање на производствените погони или продажните места почнуваат идниот месец.

Сите големи индустриски капацитети за производство на храна и пијалаци што извезуваат од поодамна го воведоа ХАЦЦП системот. Бенефитот е видлив не само при пласманот во странство, туку и на домашниот пазар зашто тоа ја подигна нивната конкурентност, велат од Дирекцијата за храна.

Најголем предизвик со кој се соочуваат надлежните е исполнувањето на законските обврски за добра производствена и хигиенска практика кај помалите производители, занаетчиските работилници, рестораните и продавниците, вклучувајќи ги и зелените пазари.

Поголемиот дел од нив веќе ги имаат достигнато потребните услови, согласно Законот. Се работи за илјадници бизнис субјекти кои спаѓаат во оваа категорија. Тие не мора да поседуваат сертификат за воведен ХАЦЦП, туку треба да го имаат воведено и постојано да го применуваат и ажурираат, посочуваат од Дирекцијата.

Македонската легислатива предвидува сите производители, трговци, угостители и занаетчии кои на каков било начин се вклучени во ланецот на производство, транспорт и продажба на храна и пијалаци да ги почитуваат и применуваат одредбите од Правилникот за санитарно-хигиенските услови за производство на храна и од Законот за безбедност на храна чии одредби базираат на ХАЦЦП системот.

Кон крајот на минатата година, за да ја олесни примената на ХАЦЦП системот, Министерството за здравство во соработка со останатите надлежни министерства и институции ги допрецизираше одредбите од Правилникот за санитарно хигиенските услови што треба да ги исполнуваат сите производители, трговци, угостители и занаетчии кои на каков било начин се вклучени во ланецот на производство и продажба на храна и пијалаци.

Со дополнувањата на Правилникот, бизнис операторите со храна беа поделени во три категории.

Првата се индустриски капацитети за производство на храна кои имаат обврска од 01 јануари 2009 година целосно да го воведат и постојано да го одржуваат ХАЦЦП системот.

Втората ја сочинуваат сите угостителски објекти во кои се подготвува и служи храна, како и занаетчиските објекти за производство на храна (гостилници, кафеани, ресторани, пицерии, ќебапчилници, млечни ресторани...). Тие имаат обврска да ги применуваат системи базирани на ХАЦЦП во согласност со упаствата од македонскиот кодекс на храна и да водат евиденција со која се потврдува примената на правилата и се оправдува целта за безбедност на храната.

Третата категорија, пак, која е и најбројна, ги опфаќа сите производители и трговци во продавници за малопродажба на храна, угостителски објекти во кои се служат само пијалаци, објекти за јавна исхрана во кои се служи готова храна, трговци на храна кои вршат промет на пазари и саеми (овошје и зеленчук), транспорт и складирање на храна кои треба единствено да се придржуваат до правилата на добрата производствена и добрата хигиенска практика, кои се дефинирани со Правилникот и со Законот за безбедност на храна.

 

Copyright © 2009 selotejp.com