-->

Европа го промовираше Бранко, ФФМ одлучува в петок

Бранко Иванковиќ е нов селектор на Македонија!? Така пишува речиси цела Еврпопа која ја цитира веста на познатиот француски весник Л'Екип дека тренерот од Хрватска ја добил довербата на Македонија откако фудбалскиот врв во Скопје зад затворени врати ја донел одлуката околу името на новиот селектор.

Веста ја пренесоа речиси сите водечки спортски медиуми иако сето тоа е само една голема глупост и невистина. Иванковиќ беше во Скопје во средата, но само на преговори со првиот човек на ФФМ, Харалампие Хаџи-Ристески. Тој е само еден од неколкуте кандидати за местото кое остана празно на 1 април кога Среќко Катанец се повлече од националниот тим.

"Немам никаков договор. Бев во Македонија и имав состанок со нивниот претседател. Чест е да се биде селектор на секоја земја, а посебно на Македонија, која има квалитет. Според моите информации, Македонија идната недела ќе донесе одлука", беше демантот на Иванковиќ за медиумите во својата земја откако насекаде се пишуваше и коментираше дека тој веќе е селектор на Македонија.

Се огласи и Хаџи-Ристески, кој нагласи дека Бранко Иванковиќ е првиот тренер со кого имал преговори и дека тоа не значи дека тој е прв фаворит за функцијата селектор на Македонија.

Она што деновиве стана јасно е тоа дека ФФМ дури в петок ќе има седница на УО на ФФМ на која ќе биде донесена финалната одлука околу наследникот на Катанец. Не им се брза на нашите фудбалски "експери" кои треба да знаат дека денот на одлука е 8 мај и дека новиот селектор има неполн месец до пресметките со Норвешка и Исланд во јуни на стадионот "Филип Втори" во Скопје.

Хрватот Бранко Иванковиќ беше во Скопје, а дали ќе дојдат у други кандидати на преговори не се знае.
Се спомнуваат неколку имиња на познати светски тренери како Олег Блохин, Дино Ѕоф... За жал, нашиот фудбалски врв нема никаква стратегија околу тоа што во моментов му треба на националниот тим иако минаа многу денови по оставката на Катанец.
Ваквиот однос на фудбалските работници е доволен доказ дека националниот тим е ставен во втор план и дека приоритет на Хаџи-Ристески во моментов е битката за делегатски гласови и неговата желба да се добие нов мандат.
Место погледите да се фокусираат кон пресудните квалификациски средби работите се сосема поинакви па така за некои поважни се функциите отколку националната гордост - репрезентацијата.

 

Copyright © 2009 selotejp.com