Заврши протестот на учениците од основните и средните училишта пред Министерството за образование и наука (МОН), кои денеска протестираа втор ден незадоволни од одлуката да полагаат екстерни тестови.
Нормализиран е сообраќајот и на улицата пред Министерството што денеска беше блокирана за сообраќај неколку часа.
Неколку стотини ученици од основните училишта и средношколци од прва до трета година денеска втор ден излегоа пред МОН, иницирани од Интернет форумите.
Фрлајќи јајца по прозорците од Министерството тие го изразија незадоволството од одлуката да полагаат екстерни тестови, кои што имаат за цел да ја проценат објективноста на наставниците при оценувањето на учениците. На почетокот од оваа седмица, протести одржаа и матурантите кои се изборија да бидат ослободени од екстерното тестирање, за кое како што тврдеа дознале дека треба да го полагаат неколку дена пред неговото спроведување.
Протести денеска одржаа и учениците во неколку градови низ македонија.
МОН вчера излезе со цврст став дека екстерно тестирање ќе има, а според најавите Министерството денеска треба да ги извести училиштата за тоа кои предмети и кога ќе биде извршено екстерно тестирање на учениците од основните училишта.