Од четврток до 10 мај во Скопје ќе се одржи 27. Меѓународен саем на медицина, дентална и фармацевтска опрема, инструменти и лекови и 4. Саем на козметика и убавина.
На саемот ќе бидат опфатени сите аспекти од областа на здравството и индустријата посветени на убавината, здравствената заштита, медицинските апарати, опрема и нови медикаменти, како и најновите козметички производи.
Во изложбениот простор на Метрополис арената и Конгресниот центар ќе се претстават околу 150 компании од Македонија и дваесетина земји од Европа, Азија и САД.
- Овогодинашниот саем е поинаку организиран од претходните. Се надевам дека секој човек ќе најде нешто интересно за него. Саемот придонесува македонската медицина да биде во чекор со европската и глобалната, рече Јанез Сајовиц, директор на Ера Групацијата која е организатор на манифестацијата.
Во однос на 4. Саем на козметиката и убавината, на програмата се предвидени многу презентации на најновите козметички препарати, свечени фризури, обликување на лице и тело, надградба на коса...итн.
Покровители на саемите се Министерството за здравство, кое на 8 мај ќе има отворен ден во Метрополис арената, и Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Фондот е организатор на годинашната Регионална конференција посветена на управувањето со клиниките што ќе се одржи на 9 мај во Конгресниот центар на Скопски саем.