Се очекува да го повтори ставот искажан и на вчерашните средби во Брисел со еврокомесарот Оли Рен и високиот претставник на ЕУ Хавиер Солана, дека Македонија го заврши својот дел од работата во врска со визната либерализација и оти ќе ги исполни и критериумите за добивање датум за преговори.
Груевски ќе го информира Саркози и за позицијата на Македонија за спорот за името, што Грција го наметна како аргумент за блокада на македонската интеграција во НАТО, но и за тврдите и максималистички ставови и барања на Атина во однос на тоа прашање.
Визната либерализација ќе биде во фокусот и на средбата што шефот на македонската Влада ќе ја има со францускиот министер за имиграција, интеграција, национален идентитет и солидарен развој Ерик Бесон, во чија надлежност е проблематиката со визите.
Дводневната посета на Париз, премиерот Никола Груевски, ќе ја заокружи со средби со претставници француското здружение на стопанственици МЕДЕФ и со првите луѓе на Организацијата за економска соработка и развој – ОЕЦД Хозе Анхел Гуриа и на Меѓународната организација на Франкофонијата Абду Диуф.