-->

Французите шампиони во спиење и јадење

Меѓу жителите на богатите земји во светот, Французите минуваат најмногу време во спиење и јадење, се наведува во новиот извештај на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) „Поглед на општеството“, која се занимава со работата, здравјето и слободното време на граѓаните од членките на оваа организација.

Просечен Французин секоја ноќ спие речиси девет часа, што е еден час подолго од просечен Јапонец, додека најмалку спијат граѓаните на Јужна Кореја.

И покрај навиката да спијат попладне, Шпанците се дури трети на листата на спанковците, зад Американците кои просечно спијат повеќе од 8,5 часа.

Иако се повеќе Французи понекогаш наминуваат во ресторан за брза храна или јадат сендвич на канцелариското биро, припадниците на оваа нација и понатаму минуваат најмногу време во јадење, просечно повеќе од два часа дневно.

Тоа значи дека оброците на Французите се двојно подолги од оние на Мексиканците, кои просечно на оваа активност одвојуваат нешто повеќе од еден час дневно.

И покрај тоа што се оптоварени со долг работен ден и превозот до и од работа, Јапонците сепак успеваат да минат просечно околу два часа во јадење и пиење, што ги носи на трето место, зад Французите и граѓаните на Нов Зеланд.

Она малку слободно време што им останува, Јапонците сакаат да го минат гледајќи телевизија или слушајќи радио. Овие активности им одземаат 47 отсто од слободното време. За разлика од нив Турците минуваат повеќе од една третина од слободното време дружејќи се со пријателите.

Истражувањето покажало и дека разликите меѓу количеството слободно време меѓу половите во некои земји е огромно. Италијанците, на пример имаат речиси еден час и дваесет минути повеќе слободно време од Италијанките, кои очевидно се значително повеќе окупирани со домашните обврски.

 

Copyright © 2009 selotejp.com