-->

Неколку прашања за онлајн маркетинг

Неколку прашања за онлајн маркетингЗошто на YouTube нема македонски реклами?, праша Сеад Џигал од Komunikacii.net во својот пост. Тој понатаму пишува „Според мене ова е јасен индикатор до каде е свеста на нашата „економија“, „комерцијала“ и „маркетингот“ за употребата на интернетот и ползување на неговите придобивки. Каде е „дисконекцијата“ за ова не знам, дали оние кои ги плаќаат рекламите им е сеедно за нивниот ефект, и важно им е само да се „ослободат“ од рекламните буџети...“

Додека го читам неговиот пост, примив е-маил од читач на IT.com.mk кој ми прати линк до официјалниот сајт на Рено на кој се рекламираат новите модели на Рено автомобилите. Сакам да напишам Renault бидејќи кога некој ќе го побара сајтот, ќе наиде на тешкотии како да го напише, но да се придржуваме до македонскиот јазик.

Еве како се рекламира Рено онлајн:

Неколку прашања за онлајн маркетинг

Мислев дека е грешка, но и другите описи за автомобили беа чудни. Не ми се веруваше дека ова е официјалниот сајт, па отидов на официјалниот сајт на Рено, избрав Македонија, и се најдов пак на „изузетниот... изгледа снажно и е снажан“ веб сајт на преставникот на Рено за Македонија.

Можеби во Македонија никој не обрнува внимание на рекламирањето. Или можеби едноставно маркетинг агенциите не знаат како да го направат правото рекламирање. Можеби сите на македонското ИТ поднебје се задоволни од банери на својот сајт, без воопшто да водат сметка за содржината која е пренатрупана од истите тие банери.

Зошто да не се направи видео реклама која ќе се најде на некој сајт? Зошто не се размислува поинаку за рекламирањето онлајн, туку само се следат истите принципи како кај печатените весници - колку платиш, толкава ќе ти е голема сликата од рекламата? Веб страните не се весници. А реклами на Twitter, Facebook...?

Но да се вратиме на YouTube, еден читач на Komunikacii.net посочи дека всушност на YouTube постојат македонски реклами. Еве една од нив.

Сосема солидна и одлична реклама. Но за жал дебатата преку коментарите под видеото на YouTube се води за тоа кој дел од Македонија е грчки и бугарски, чив е Александар, чив е Кирил... нешто што нема никаква врска со брашното од рекламата.

Додека го читам текстот на Сеад и се смејам на Рено, добивам порака на Twitter за една нова реклама на T-Home која вклучува бели, црни, жолти, муслимани, христијани и што уште не ... во едно мултикултурно општество каде големите компании разбираат дека публиката и корисниците се тие кои треба да учествуваат во креирањето на брендовите и маркетинг културата. Во тоа општество публиката е спремна да одговори на предизвикот.

Ова се моите неколку прашања за маркетингот. А какви се вашите?

 

Copyright © 2009 selotejp.com