Бензините од утре поскапуваат за половина, односно еден денар, а цената на дизелот останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Со ослуката се врши зголемување на рафинериските и на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,03, односно за 1,20 отсто.
Малопродажните цени на ЕУРОСУПЕР-95 и моторниот бензин МБ-96 се зголемуваат за половина денар по литар, а на ЕУРОСУПЕР-98 за еден денар по литар во однос на цените од пред две недели.
Новата цена на ЕУРОСУПЕР-95 е 56 денари, ЕУРОСУПЕР-98 ќе се продава за 57,50, а МБ-96 за 59 денари за литар. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (D-E IV) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менува и тие и понатаму ќе се продаваат за 44,50, односно 33,50 денари за литар.
Со одлуката на РКЕ за 0,958 денари за килограм се зголемува цената на мазутот М-2 кој сега ќе се продава по 20,376 денари за килограм.
Како причина за зголемување на цената на горивата од РКЕ ги истакнуваат за 3,41 отсто повисоката просечната цена на сурова нафта во изминатите две недели и понискиот курс на доларот во однос на денарот.