Новиот шеф на македонската држава Ѓорге Иванов, кој денеска беше инаугуриран, испрати писмо до американскиот претседател Барак Обама во кое ја истакнува решителноста за продолжување на дијалогот со Грција за изнаоѓање взаемно прифатливо решение со кое ќе се почитува нашиот национален идентитет, јазик и култура.
Во писмото Иванов наведува дека честитките од Обама по повод неговиот избор за претседател на Република Македонија ги примил како силен знак на поддршка.
- Република Македонија продолжува на својот реформски пат во сите области. Сметам дека неодамнешните избори ја покажаа нашата посветеност да продолжиме со постојана надградба на нашиот демократија, наведува во писмото новиот македонски претседател.
Македонија, истакнува Иванов, ќе продолжи со напорите за членство во НАТО и во ЕУ и високо ги цени зборовите на поддршка што американскиот претседател ги искажа на неодамнешниот Самит на НАТО.
- Оттаму, дозволете ми да ја подвлечам нашата решителност да го продолжиме дијалогот со нашите грчки пријатели и соседи, со цел да изнајдеме взаемно прифатливо решение за разликите околу името. Решение со кое ќе се испочитуваат нашиот национален идентитет, јазик и култура, му пишува Иванов на Обама.
Македонија, како сигурен пријател и партнер, се наведува во писмото, и понатаму ќе стои рамо до рамо со САД на секој план. Неодамнешната одлука за зголемување на бројот на македонски војници во Авганистан е само една конкретна мерка во прилог на обврската и одговорноста која ја преземавме, да ги зајакнеме нашиот сојуз и нашето пријателство, посочува Иванов.
Новиот македонски претседател во писмото до Обама изразува благодарност за неговата лична поддршка и за поддршката од народот на САД на Република Македонија.