Опаѓа поддршката за веронауката во државата. За само неколку месеци, на две анкети спроведени во државата - дури 10 проценти помалку од граѓаните, искажале позитивен став за изучување на веронаука во основното образование.
Институтот “Павел Шатев“, формиран од владејачјката ВМРО-ДПМНЕ, кон крајот на минатиот месец, поточно од 24 до 28 април, или неполни 10 дена по одлуката на Уставниот суд за укинување на веронауката во образованието, го тестирал мислењето на граѓаните.
На прашањето дали се согласувате со Уставниот суд да се укине веронауката во образованието - 56,6 проценти одговориле со НЕ. 33,1 отсто ја поддржале одлуката, а 10,4 отсто од граѓаните немале одговор.
Истиот Институт, во септември 2008, на почетокот на учебната година, порачал истражување според чии резултати, 2/3 или 66,6 отсто од населението поддржало воведување на веронаука во 5 одделение. 22,7 проценти биле против, а 10,7 отсто немале став или не одговориле на ова прашање.
А, токму резултатите од анкетата од минатиот септември, беа главниот аргумент кој целокупното раководство на ВМРО-ДПМНЕ го вадеше на маса, кога ја критикуваше одлуката на Уставниот суд.
Бројките од тоа истражување, беа користени во секоја можност, како показател дека “последната комунистичка инстанца под контрола на Бранко Црвенковски“, како што вмровците го нарекуваа Уставниот суд, силно греши со одлуката за укинување.
Според нив, Судот, во донесувањето на одлуката ги мешал поимите секуларност и атеизам и, им го укинал правото на слободен избор на 15 илјади ученици и 30 илјади родители во Македонија да се едуциираат со веронаука, нешто што повеќе држави во Европа го овозможувале.
Критиките на сметка на Уставниот суд од различни претставници на ВМРО-ДПМНЕ одеа дотаму, што јавното коментирање на неговите одлуки, сите без исклучок, го третираа како придобивка на демократијата.
Инаку, Уставниот суд на 15 минатиот месец, ја укина веронауката во основните училиште со образложение дека нејзиното воведување во наставата се коси со Уставот, кој гарантира одвоеност на државата од верските заедници.