Во рамките на својата европска турнеја, еден од најпознатите светски ансамбли - Оркестарот на театарот „Бољшој“ од Москва на 16 мај во 20 часот ќе настапи во „Метрополис арената" во Скопје. Солист на пијано во изведбата на „Рапсодијата на тема од Паганини" ќе биде нашиот виртуоз Симон Трпчески.
Под диригентската палка на Александар Ведерников, на програмата се и "Хамлет-Фантазија“ увертирата од Чајковски и Петтата симфонија од Прокофјев.Од дружението Култур Оп, ПР на Трпчески, посочуваат дека, е огромна чест да се добие довербата на музичарите од националниот руски театар, чија тековна 232-ра сезона илустративно говори за тоа какво културно и музичко наследство носи со себе.
Престижниот руски оркестар во Скопје се очекува да пристигне во комплетен состав од околу стотина членови, што се додва, ќе значи прилика да се почувствува волшебноста во изведбата за која носителот на македонскиот културен идентитет во светот на настапите со престижните оркестри добива ласкави критики и највисоки оценки во светскиот печат.
По концертот во Сеул, Јужна Кореја и пред настапите со oркестарот на Бољшој театарот, Трпчески не престанува да ги собира симпатиите на светскиот печат. Рецензии и написи за негoвите гостувања објавија угледните „Њус Џурнал“ од Дејтона Бич (САД), лондонски "Дејли Телеграф", даблински „Ајриш Тајмс“ и Пост-Газетте во Питсбург (САД).
Покровители на гостувањето на Оркестарот на Бољшој - театарот е Министерството за култура и Владата на Република Македонија. Влезните билети по цена од 1.000 и 1.200 денари (зависно од местоположбата во салата) ќе можат да се купат во Југотон, Чув де чув! и билетарницата на Скопски саем од 5 мај. По иницијатива на Трпчески продолжува традицијата и овој пат да се обезбеди ограничен број студентски билети. По цена од 600 денари тие ќе можат да се набават со приложен индекс на билетарницата на Скопски саем.