Како што соопшти денеска норвешката статистичка агенција, во првиот овогодишен квартал норвешката економија забележа пад од еден отсто. Претходно, и во последниот квартал од 2008 година во Норвешка беше регистрирано намалување на економскиот раст од 0,8 проценти.
Технички за една економија се смета дека влегува во рецесија кога ќе забележи негативен раст во два последователни квартали.
Норвешката Влада во пресрет на парламентраните избори закажани за 14 септември најави дека ќе инвестира 15 милијарди евра од државните резерви за запирање на актуелниот економски пад. Најголемиот дел од оваа сума ќе биде вложен во државниот пензиски фонд.
Како дел од мерките за стимулирање на сопствената економија Норвешка планира да потроши околу три проценти од својот бруто домашен производ.
Аналитичарите оценуваат дека Норвешка може да си дозволи волкави трошоци за стимулирање на домашната економија благодарение на големите резрерви на нафта и гас крај нејзиниот брег во Северното Море.