-->

Македонија го одбележува денот на Европа

Денот на Европската унија - 9 Мај, во Македонија се одбележува со голем број активности преку кои се приближува пораката на ЕУ до македонските граѓани и се запознаваат со приближувањето на земјата кон полноправно членство во Унијата.

Во пресрет на Денот на Европа, денеска во центарот на Скопје ќе биде одржан хепенинг „Денес тука, утре во Европа“, организиран од Мисијата на Европската унија во Скопје и општината Центар. На платото пред Домот на Армијата ќе се обратат евроамбасадорот Ерван Фуере и градоначалникот на Центар Владимир Тодоровиќ.

По повод Денот на Европа - 9 Мај, во рамки на европската кампања за претприемништво, денеска во Скопје ќе се одржи Европски ден на претприемачот. Претприемачите, на конференцијата ќе можат да се запознаат со можностите што ги нуди Европскиот информативен и иновативен центар во Македонија и услугите што можат бесплатно да ги добијат од нив, како и со можностите за пристап до финансиски средства.

Европското движење на Република Македонија утре организира Свечена академија на која на маестро Симон Трпчески ќе му биде доделена годишната награда за Европски придонес за 2008 година. Наградата традиционално се доделува за посебни заслуги за промовирање на Република Македонија и нејзината култура во Европа, како и за промовирање на европската идеја и вредности.

По повод Денот на Европа, утре на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА во Скопје ќе се одржи Отворен ден на ЕСРА, каде што ќе бидат промовирани новите ТВ и Аудио студија.

Асоцијацијата за култура ИКОН, пак, утре по повод роденденот на Европа, ќе одржи ликовна работилница, во која ќе учествуваат уметници од различна етничка припадност, со цел „спојување на различностите во едно заедништво“.

Европа утре го одблежува својот ден - 9 Мај, европски симбол, што заедно со заедничката валута - еврото, знамето и химната, го претставуваат политичкиот идентитет на Европската унија. На овој ден во 1950 година Роберт Шуман го презентираше предлогот за создавање на обединета Европа, како опција за одржување на мирот на со војните разурнатиот и поделен континент. Предлогот, попознат како „Шуманова декларација“, се смета за почеток на формирањето на она што го денеска го знаеме како Европска унија.

 

Copyright © 2009 selotejp.com