-->

Презентирана стратегија за равој на туризмот во Македонија

Во Министерството за економија денеска беше презентирана Стратегија за развој на туризмот во Република Македонија во наредните пет години. На промоцијата присуствуваа Марија Луиза да Силва Мехиас, раководителот на УНДП во Македонија, заедно со туристичките работници од Македонија.

Стратегијата ќе биде објавена на веб-страницата на Министерството за економија и додека се усвои од страна на Владата ќе биде отворен документ за кој сите ќе можат да го дадат својот придонес.

- За Владата туризмот е еден од главните приоритети затоа што сметаме дека е гранка во која може многу да се инвестира, да се подобри и многу да се постигне од аспект на вработеност и инвестиции. Преку него може да се промовираат културните вредности и природните богатства на Македонија, изјави министерот за економија Фатмир Бесими по презентацијата.

Тој нагласи дека во Стратегијата треба да се дефинира како Македонија да биде препознатлива дестинација за туристи со нејзините културни и природни богатства. Во него, како што кажа, има конкретни мерки и предлози како да се развие алтернативниот туризам. Главните насоки во Стратегијата се преку јавно-приватно партнерство да се развива туризмот во Македонија, како и да се подобри туристичката инфраструктура и туристичката понуда.

- Во Стратегијата се планира посебно да се развијат алтернативниот, руралниот, културниот, историскиот, спортскиот, бањскиот, конгресниот па дури и екстремниот туризам од аспект на природните богатства, а од аспект на богатото културно наследство да ја претстави својата мултикултурност, мултиетичност и мултиконфесионалност, односно вредностите на мултикултурна толеранција, што е едно од основните работи што предизвикува интерес кај туристите во светот, рече Бесими.

Министерот за економија истакна дека првпат во Македонија од 1 јануари идната година предвидено е да се субвенционира туризмот во земјата преку учество на Владата во дел од патните трошоци за доведување странски туристи, новинари кои сакаат да пишуваат во Макдонија и на странски туроператори кои носат туристи во државава. За тоа е изготвен правилник од Министерството за економија кој наскоро ќе биде на усвојување во Владата.

Тој истакна дека минатата година споредбено со 2007 година забележан е пораст на туризмот од 16 проценти, а во првите два месеца од годинава во Македонија се бележи зголемување на бројот на туристи во однос на лани за 4,5 проценти. Заради тоа во оваа фаза не се размислува за намалување на данокот на додадена вредност во туризмот како што бара Комората.

Постојаниот претставник на ОН во Македонија Марија Луиза да Силва Мехиас истакна дека е многу задоволна што на последниот ден од нејзиниот официјален престој во државата била финализирана нацрт стратегијата која, како што кажа, ги идентификува приоритетите за Македонија да може да ги претстави културата и природата и да ги идентификува приоритетите што треба да се направат од Владата во координација со приватниот сектор и општините за развој на туризмот.

- Ви поскаувам успех и сигурна сум дека со имплементацијата на Стратегијата ќе се зголеми бројот на туристите во Македонија и оти нејзината култура, природа и потенцијали ќе бидат подобро претставени, рече Силва Мехиас.

Според претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ) Дончо Танески, годинашната туристичка сезона во Македонија ќе биде успешна доколку се постигнат резултатите од минатата година.

- Лично не верувам дека ќе се постигнат резултатите од минатогодишната сезона бидејќи сме поскапи од земјите во регионот. За да се надмине тоа треба да се прифатат препораките од Европската унија и да се намали данокот на додадена вредност (ДДВ) за туризмот, рече Танески.

Тој смета дека во Министерството за економија и Агенцијата за промоција и развој на туризмот нема доволно човечки ресурси за успешно имплементирање на Стратегијата. Танески предлага младите кадри од факултетите за туризам во Скопје и Охрид да се испратат на обука во поразвиените туристички земји од Македонија за да можат да ги пренесат искуствата кај нас.

- Еден дел од нашите размислувања и барања како Асоцијација и стопанство се влезени во Стратегијата која денеска Министерството ја промовира како завршена. Јас не би ракол дека е најдобра, секогаш може и подобро, меѓутоа битно е што е промовирана. Иако Стратегијата и лани ова време беше готова 99 отсто изгубивме една година за да дојдеме до овој чекор. Да се надеваме дека сите кои се задолжени за нејзина имплементација ќе се ангажираат и на терен ќе излезат да ја имплементираат, рече Танески.

Тој посочи дека доколку Стратегијата не се имплементира и подобро од што е напишана нема да има ефекти од неа. Како што нагласи и ова лето туристичките работници во Македонија ќе работат без стратегија, кој како ќе се снајде.

- Најголем недостиг за успешно имплементирање на Стратегијата е недоволниот број вработени во Секторот за туризам во Министерството за економија и во Агенцијата за промоција и развој на туризмот, рече Танески, потенцирајќи дека доказ за тоа се лошо одработените саеми во текот на годинава.

 

Copyright © 2009 selotejp.com