-->

Колекционерот Хелмут Брајт од Германија, тврди дека легално тргува со ретки минерали кои ги продава

По откривањето на парчето лорандит што се продава на германската интернет страна на E-Bay, истрагата на Канал 5 стигна и до човекот што тврди дека е сопственик на овој минерал со потекло од рудникот Алшар од Македонија.

Колекционерот Хелмут Брајт од Германија, тврди дека легално тргува со ретки минерали кои ги продава во неговата продавница Брајтстоун и преку интернет. Канал 5 во неколкуте разговори со него откри дека тој подеднакво се интересира како за продавање така и за купување на реткостите што ги крие рудникот Алшар. Прво прашавме дали парчето Лорадит што се продава на интернет е негово?

„Гледам само едно парче лорандит и тоа е мое. Јас го имам само ова парче лорандит во моментов“ , изјави Хелмут Браит на E-Bay.

Кога сакавме да дознаеме дали лорандитот има сертификат со кој се докажува легалноста и потеклото на минералот колекционерот призна дека не поседува такво нешто. Тој тврди дека лорандитот го купил од Македонец што на минатогодишниот саем во Минхен се претставил дека е од некој универзитет.

„Јас ова парче го купив на саем во Минхен од еден човек од универзитет во Македонија“ , изјави Хелмут Браит.

Брајт не сакаше да го открие ниту идентитетот на човекот што му го продал минералот, ниту цената која ја платил за него. Тој тврди дека лорандитот го чувал во продавницата во Минхен, каде што секој можел да се увери во неговиот квалитет.

Истрагата на Канал 5 покажа и дека Брајт бара шверцери од Македонија кои можат да му набават со минерали од пештерите на Алшар.

Групата Германци и двајцата Унгарци кои пред неколку дена беа фатени со половина тон руда од Алшар, и интересот на овој германски колекционер покажува дека тајните на овој рудник одлично им се познати и на странците. И покрај тврдењето на експертите дека е многу тешко да се дојде до овој редок минерал, се покажува дека шверцерските канали и црниот пазар многу добро функционираат.

 

Copyright © 2009 selotejp.com