-->

Единственото прасе во Авганистан во карантин


Единствената позната свиња која живее во зоолошката градина во авганистанскиот главен град е затворена и изолирана во соба од страв дека може на луѓето да им пренесе свински грип.

Управата на Зоолошката градина во Кабул го стави во изолација единственото прасе во Авганистан поради стравот од свинскиот грип.

Иако во Авганистан не постојат свински фарми, ниту постои директна авионска врска со Мексико, Авганистанците стравуваат дека може и тие да бидат погодени од новиот грип.

„Привремено го ставивме прасето во карантин поради свинскиот грип“, изјави директорот на Зоолошката градина Азис Гул Сакиб.

„Повеќето луѓе немаат многу информации за свинскиот грип и кога ќе го видат прасето би можеле да се исплашат дека може да се заразат. За да ги смириме посетителите, одлучивме тие да не го гледаат прасето“, образложи Сакиб.

Прасето беше подарено на Авганистан заедно со други животни во 2002 година од Кина, која со тоа сакаше да придонесе за возобновување на главната Зоолошка градина во земјата, лоцирана во главниот град.

Кабулската Зоолошка градина беше речиси целосно уништена за време на граѓанската војна од 1992 до 1996. Муџахедините за време на војната ги убија елените и зајаците и ги изедоа, а убија и еден слон.

Вистинска голгота тогаш помина најпознатиот жител на зоолошката лавот Марјан кој се обиде да го убие еден од муџахедините. Лавот тогаш го уби напаѓачот, а идниот ден братот на жртвата во неговиот кафез фрли граната. Лавот остана без заби и ослепе, но преживеа до 2002 кога умре од старост.

 

Copyright © 2009 selotejp.com