-->

Кака на лето ќе премине во Реал

Фудбалерот на Милан, Кака сигурно ќе премине во Реал Мадрид, изјави неговиот татко Боско Леита, кој истовремено е и негов агент.

Леита во медиумите изјави дека очекува неговиот син од следната сезона да го носи дресот на "Кралскиот клуб" и да биде големото засилување кое Флорентино Перез ќе го донесе на "Сантјаго Бернабе". Иако екипата на Милан упорно повторува дека сака да го задржи бразилскиот волшебник, сепак, не е исклучена можноста тој да се пресели во Шпанија.

"Кака ќе игра за Реал Мадрид на чело со Флорентино Перез", изјави Леита.

Перез и потпретседателот на "росонерите", Адриано Галијани, веќе имаа неколку разговори околу ова прашање и уште пред еден месец најавија за можна зделка. Како главна пречка за реализирањето на трансферот е цифрата од 60 милиони евра, колку што Италијанците бараат за него, а потенцијалниот кандидат за претседател посакува таа цена да ја намали за 10 милиони.

Гигантот од Мадрид е исто така заинтересиран за Кристијано Роналдо, Чаби Алонсо, Давид Виља, Давид Силва и Златан Ибрахимовиќ. Реал исто така посакува да го ангажира и Френк Рибери, но овој фудбалер истакна дека повеќе ја преферира Барселона отколку "Кралскиот клуб".

Меѓутоа, прво ќе се чека да поминат изборите во Реал, на кои Флорентино Перез е апсолутен фаворите, па да почнат најавените трансфери.

 

Copyright © 2009 selotejp.com