-->

Започна средбата на врвот ЕУ - Русија

Рускиот претседател Дмитриј Медведев, отворајќи го утрово 23-тиот самит Русија-ЕУ во градот Хабаровск, изјави дека на овој голем собир ќе се разговара за економската криза, соработката во областа на енергетиката и европската безбедносна архитектура.

Медведев веќе оствари неформална средба со лидерите на ЕУ на свечената вечера која синоќа беше организирана во нивна чест.

- Верувам дека разговорот беше интересен. Ќе продолжиме со разгледување на темите кои се на дневен ред. Верувам дека има смисла да се вратиме на финансиската и економската криза, разгледување на ситуацијата во областа на енергијата, создавање нова европска безбедносна архитектура, како и прашања од витално значење за Руската Федерација и Унијата, истакна Медведев, кој ја предводи руската делегација на овој самит.

Тој ја оцени средбата на врвот со ЕУ како добра традиција. Запрашан зошто на толку оддалечно место се одржува собирот, кое се наоѓа на 8.500 километри источно од Москва, Медведев објасни дека „Хабаровск се наоѓа на источната граница на вкупното пространство, кое е прифатено да се нарекува голема Европа“.

- Ми претставува големо задоволство да Ви кажам добредојдовте во Хабаровск, им се обрати Медведев на европските лидери.

Водечките политичари на Русија и ЕУ најмногу време ќе потрошат на усогласување на заедничките акции со цел да се спротивстават на тековната глобална економска криза.

На самитот Москва и Брисел, како што најавија двете делегации, ќе дадат оценка за состојбата на меѓусебните односи, вклучувајќи го и интензивирањето на преговорите за постигнување нов основен договор за партнерство и соработка.

Онтересно е што европската делегација на самитот ја предводи чешкиот претседател Вацлав Клаус, а не премиерот во оставка на оваа земја Мирек Тополанек, како што претходно беше најавено. Во негова придружба ќе биде уште и претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана и многу други истакнати функционери од Брисел.

 

Copyright © 2009 selotejp.com