-->

Конференција "Европски ден на претприемачот"

Македонија има постигнато напредок во развојот на малите и средни претпријатија, но претприемничкиот дух се уште не е на задоволително ниво.

Потребни се уште многу напори со систематски пристап на сите државни институции и експерти за достигнување на нивниот максимален потенцијал, порачаа учесниците на конференцијата „Европски ден на претприемачот“, организирана по повод Денот на Европа - 9 Мај.

Министерот за економија Фатмир Бесими во обраќањето на конференцијата истакна дека развојот на малите и средни претпријатија претставува еден од главните приоритети на Владата.

- Малите и средните претпријатија имаат значајна улога во економскиот развој, вработувањето и иновациите и придонесуваат за зголемување на конкурентноста, рече Бесими.

Според него, малите и средни претпријатија покриваат 99 проценти од регистрираните фирми во Македонија, вработуваат над 70 проценти од вкупниот број вработени во економијата и имаат 50 проценти учество во надворешната трговија.

Во 27. членки на ЕУ има вкупно 220 милиони мали и средни претпријатија, односно 40 фирми на секои 1.000 жители, додека во Македонија на истиот број жители има 23 мали и средни претпријатија.

- Показателот за Македонија охрабрува дека има добар напредок, но треба и може да се направи уште многу со цел тие да го достигнат својот максимален потенцијал и да бидат движечка сила во економијата, рече евроамбасадорот Ерван Фуере, додавајќи оти нивниот потенцијал е особено значаен за намалување на големиот број невработени.

Фуере изрази надеж дека сите мерки и решенија што ги донела Владата за развој на малите и средни претпријатија ќе се применуваат и ќе има резултати. Меѓу активностите што ги презема Владата евроамбасадорот ги наброја поедноставувањето на административните процедури за водење бизнис, на постапки за увоз и извоз на стоки, мерките за ублажување на економската криза...

Според Фуере, најголем предизвик за Владата е да го зајакне владеењето на правото со што ќе обезбеди мотивирачко деловно опкружување за привлекување странски инвестици, во кое инвестиците ќе бидат ослободени од какви било притисоци кои не се во согласност со правилата и законите. - Задачата на Владата е да обезбеди гаранција дека инвестицијата нема да биде условена со какви било оптоварувања. Има голем дел од дијаспората која е подоготвена да инвестира, но се уште нема оптимална клима за нивно доаѓање и слободно инвестирање во земјата, рече Фуере.

Професорката по претприемништво Марија Зарезанкова Потевска оцени дека малите и средни претпријатија полесно ќе излезат од економската криза бидејќи се полесно приспособливи на потребите на пазарот, за разлика од големите, кои се многу инертни и бргу пропаѓаат.

Според Зарезанкова-Потевска, претприемништвото во Македонија во изминатите 20 години е предмет на работење на Министерството за економиај и на Владата, но во неговиот развој треба да се вклучат што повеќе институции и да се применуваат сите донесени закони и документи.

Организатори на конференцијата „Европски ден на претприемачот“ се Европската бизнис асоцијација, Министерството за економија, Агенција за поддршка на претприемништвото, Македонската развојна фондација за претприемништво, ПРЕДА и Европскиот информативен и иновативен центар во Македонија.

 

Copyright © 2009 selotejp.com