-->

Кими подготвен за победа по една година пауза

Иако е можеби тешко да се поверува, помина цела година откако Кими Раиконен последен пат победи во формула 1 шампионатот. Сите очекуваа Финецот да доминира во сезоната 2008 откако како актуелен шампион победи на Шпанското ГП на 27 април за втора победа во новиот шампионат, но за несреќа на неговите фанови и на Ферари од таму се тргна надолу. Тој на крајот ја заврши сезоната на третото место, далеку зад шампионот Луис Хамилтон во Мекларен и неговиот клупски колега од Ферари, Фелипе Маса.

По ова следуваа критиките дека "Ајсмен" едноставно ја загубил жедта за победа, а дури и од Ферари велеа дека "не го познаваат човекот во болидот на Кими". Лошата среќа продолжи и оваа сезона и тој моментално се наоѓа на 12. место во генерален пласман со само 3 поени од првите четири трки од сезоната. Но, по се ова Раиконен инсистира дека не ја загубил "страста за победи".

"Помина повеќе од една година од мојата последна формула 1 победа. Во Барселона во 2008 го имав најдобриот викенд со Ферари - пол-позиција, победа и најбрз круг. Од тогаш неколку пати бев блиску, мислам во Мањи-Кур, Монтреал и Спа, но поради различни причини не успеав. Но, и покрај тоа возачот никогаш не ја губи страста за победа и сакам да го добијам тоа чувство што е можно побргу", вели Раиконен за официјалниот сајт на Ферари.

Ферари ќе воведат неколку клучни подобрувања на својот болид за трката овој викенд откако го имаа најлошиот старт на една сезона по повеќе од 20 години, и Раиконен верува дека со тоа ќе може да добие нов старт.

"Навистина ми се допадна кога слушнав каков нов аеродинамички пакет имаме за Шпанија и првите знаци се позитивни. Ќе биде интересно да се излезе со болидот на петочните први тренинзи. Возевме на патеката во март оваа година, но секогаш е тешко да се сфати кој е навистина силен на тие тренинзи. Од тогаш многу болиди целосно се променија. Ќе имаме далеку поголема надолна сила со новиот пакет во споредба со првите четири трки, но скоро сите ќе се појават со некои подобрување. Сега ќе видиме кој завршил подобра работа", вели Раиконен.

 

Copyright © 2009 selotejp.com