Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд за Македонија од денеска до 14-ти мај ќе престојува во земјава. Целта е поблиско запознавање на новиот шеф на Мисијата Вес Мек Гру со економските показатели во Македонија, како и со најновите антикризни мерки на Владата.
ММФ беше информиран со пакетот мерки на Владата од страна на вицепремиерот Зоран Ставрески и министерот за финансии Трајко Славески за време на пролетните средби на ММФ и Светската банка што се одржаа во Вашингтон на крајот на април.
При тоа подготвениот ребаланс на Буџетот за 2009 година и пакетот антикризни мерки беа оценети како позитивни.
Фондот искажа подготвеност за соработка со Владата, која оценува дека во овој момент на Македонија не и треба аранжман со оваа меѓународна финансиска институција, но оти не ја отфрла можноста доколку има потреба да се оди и на таква варијанта.
Македонија може да користи средства од ММФ од својата квота во износ од 100 милиони долари, за чие повлекување не е потребен аранжман.
Вес Мек Гру го наследува Марк Грифитс. Тој е прв Американцец шеф на Мисија на ММФ за Македонија. За Фондот работи пет години, а претходно две години работел во Министерството за финансии на САД и две години во Насдак.