-->

Уставниот го запре екстерното оценување

Годинава нема да се полагаат екстерните тестови во училиштата. Уставните судии времено ставија забрана за полагање.

Тие не го послушаа апелот на премиерот Груевски да не се укинат тестирањата, ниту го прифатија неговото мислење искажано во писмо дека тој потребата од екстерните тестови ја гледал во лошиот квалитет на образованието.

Со денешната времена мерка учениците се ослободуваат од полагање екстерни тестови.

„Емотивно лични видувања, хумани, и во крајна линија видувања од аспект на негово гледање. Нашето гледање како судии во Уставен суд, јас барем во овој допис, не видов нешто од тој аспект каде ние можеме да имаме влијание“, рече Трендафил Ивановски, претседател на Уставниот суд.

Писмото до судиите Груевски го испратил, како што рече, за да му биде совеста мирна. Премиерот смета дека со екстерното тестирање треба да има да се вратат вредностите во образованието.

Уставните судии со различни ставови. Дел од нив сметаат дека оценувањето од овие тестирања е непрецизно, нејасно и несигурно и не смее Министерството и инспекторатот да ги спроведуваат.

„Друг орган од извршната власт, надвор од училиштето и воспитно-образовниот процес, како што предвидуваат одредбите од законот, не може да врши екстерно проверување и оценување на учениците во основните и средните училишта, односно ваквото законско решение се доведува под сомнение по однос на Уставот на РМ“, изјави Лилјана Ингилизова, судија.

Не беше прифатен предлогот на судијата Сулејманов, предметот со екстерните тестови повторно со ладни глави да го разгледаат уставните судии, бидејќи тој смета дека проверката на знаењето не им штети на учениците, туку им помага.

„На учениците може многу работи да не им се бендисуваат во школството, меѓутоа ако тие коишто се нивни воспитувачи тоа го прифатат и го применат, мислам дека не би останало ни „о“ од нашето образование“, вели Зоран Сулејманов, судија.

Преку екстерните тестови на учениците беше предвидено да се проверува и квалитетот на наставниот кадар, дали некој субјективно делел оценки.

Дали сето ова ќе се реализира и практично зависи од уставните судии кои на нова седница ќе ја оценуваат уставноста на екстерното тестирање.

 

Copyright © 2009 selotejp.com