-->

Битка за заробената антика

Македонија ќе бара од Србија да и го врати културното богатство што е во Народниот музеј во Белград, меѓу кои и скулптурата на божицата Атена Партенос ископана на локалитетот Хераклеја уште пред Втората светска војна.



Ова го најави новиот македонски амбасадор во Белград, Љубиша Георгиевски на претставувањето на платформата за дипломатските активности пред Комисијата за надворешна политика на Собранието. - Сигурно дека не е во ред вакви прашања да се поставуваат веднаш во Белград, но ќе се обидам да издејствувам дел од богатството да се врати кај нас - рече Георгиевски.
Атена Партенос е само дел од културното наследство што ги краси музеите на соседните земји, но и на поголемите европски градови. Според Паско Кузман, директорот на Управата за заштита на културното наследство, во Народниот музеј во Белград, а и во музеите кај соседите има многу скапоцени примероци од македонските археолошки локалитети.

- Во Народниот музеј во Белград има 257 предмети од некрополата Требеништа, меѓу кои се и две златни маски, кои имаат огромна вредност. Таму се и сите предмети најдени во Радолишта, Струшко, а речиси целиот долен кат на музејот е со предмети од Стоби - вели Кузман. Според Кузман, тогаш кога предметите биле однесени од земјава тие не биле ограбени туку биле легално дадени.
Многу вредни предмети се однесени и во музејот во Софија, но и во музеите во Франција и во Британскиот музеј во Лондон. - Сите што поминале од тука, однеле што можеле. Две златни маски се во Софија. Нема друг начин да се вратат тие предмети освен ако не ги бара државата, на пријателска основа. Но, кога треба нешто да се врати тие процеси одат многу тешко - објаснува Кузман. Според Кузман, Македонија не е единствената земја чиешто богатство ги краси туѓите музеи. Во француски „Лувр“ се наоѓа половина од египетското богатство, а слични проблеми имаат и други европски земји.

- Во времето на Кралството Југославија вредните предмети се носеле во центарот, во Белград. По распаѓањето на Југославија беа формирани комисии за поделба на вредностите, но тука не се опфатени културно-историските вредности. Управата со допис ќе побара од сите музеи да се вратат нашите предмети, но тоа тешко ќе оди ако не се одработи од дипломатијата.
Според меѓународното право постои договор за реституција, односно враќање на културното богатство. Но, во принцип, тоа слабо функционира и целта може да се постигне само со добра волја од двете страни - вели Кузман. За време на првата влада на ВМРО-ДПМНЕ, од 1998 до 2002 година, имало размена меѓу Националната галерија на Скопје, која во тоа време ја раководела Викторија Васев-Димевска, и белградските институции, но во тој случај се разменувале предмети од поновиот период.

- Ние имавме повеќе дела од еден српски автор и ги разменивме за дела од македонски автори, како Мартиновски, Вангел Наумовски и други. Но, тоа се дела од понов период. Не сум сигурна колку Македонија има предмети што би ги трампала со Србија. Но, постојат и други начини да се вратат одредени предмети, а пред се е потребна добра волја. Сигурно дека, пред се, треба да се направи спогодба за културна размена меѓу двете земји - вели Васев-Димевска.

Вредни примероци

Атена Партенос (за која е докажано дека е од античко време) е најдена на локалитетот Хераклеја, а е работена по школата на познатиот скулптор Фидија и претставува многу вреден примерок. Има две такви скулптури од Хераклеја од кои едната е во Народниот музеј во Белград, а другата во Британскиот музеј во Лондон. Во Белград била однесена пред Втората светска војна.


Тешко до наследство

Многу земји, чиешто богатство се наоѓа надвор од нивната територија, се обидуваат да врата барем дел од него. Карактеристичен е примерот со т.н. Шлиманово богатство, односно предметите најдени при ископувањето на Троја. Научникот Шлиман кога ја открил Троја целото богатството од Мала Азија го испратил во Германија, како подарок на својот народ. Но, во 1945 година, кога Русите влегле во Германија го однеле во Русија и сега тоа е во Пушкиновиот музеј во Москва. Во времето на претседателот Борис Елцин тој вети дека ќе & го врати на Германија, но ветувањето се уште не е остварено.

Извор: Време

 

Copyright © 2009 selotejp.com