-->

Пандев и Лацио го освоија купот на Италија

Тимот на нашиот Горан Пандев, кој ја санираше повредата и започна во првите 11 на теренот, успеа да ја победи цврстата екипа на Сампдорија предводена од Касано дури по изведувањето на ударите од 11 метри.



По само четири поминати минути во првото полувреме Мауро Зарате го отвори натпреварот со прекрасен гол, а потоа неколку изгледни шанси за гол пропушти нашиот интернационалец.

Промашените шанси на Пандев во 31. минута ги казни Пацини и го израмни резултатот на 1-1.

Во продолжението повеќе гледавме класичен италијански фудбал. Сампдорија претежно се бранеше, а Лацио безуспешно кружеше на средината на теренот, но сепак поизгледни шанси за гол имаа "гостите" кои преку брзиот Касано често за момент го пренесуваа тежиштето на играта од својата на противничката половина, но јунакот на мечот, голманот на Лацио Муслера го држеше Лацио сеуште во игра.


Нашиот репрезентативец сеуште недоволно опоравен од повредата која го мачеше изминатите 3 недели, во 73. минута беше заменет од Томазо Роки.

Регуларниот дел заврши со нерешен резултат (1-1), а по двете продолженија од по 15 минути резултатот повторно беше непроменет. Следуваат пенали.

Први серијата ја почнаа фудбалерите на Сампдорија преку Касано, но неговиот удар успешно го скроти Муслера, за Ледесма со прецизен удар да му донесе водство на Лацио. Веќе во втората серија Паломбо беше успешен за Сампдорија, а Роки промаши за Лацио при што предноста на Лацио се стопи.

По втората серија се пријде кон континуирано погодување на пеналите се до последниот обид за Кампагнаро чиј удар повторно беше скротен од Муслера, а тоа го искористи Дабо кој со прекрасен удар му ја донесе титулата на Лацио.

 

Copyright © 2009 selotejp.com