-->

Лажни вести кои ги измамија и сериозните медиуми


Дека бившиот американски претседател Џорџ Буш има коефициент на интелигенција понизок од 100 и не звучи толку неверојатно, но од новинарите, пред да објават таква информација, би се очекувало и да ја проверат. Истото важи и за веста дека лав во Камбоџа нападнал и повредил 42 џуџиња!

Секако, би било логично таквите информации да се проверат, но понекогаш звучат толку добро, што е штета да не се објават.

Иако корисниците на интернетот го осудуваат овој млад медиум за ширење на невистини и лажни вести и жалат по ’вистинското’ новинарство какво што денес повеќе не постои, сатирите и грешките во новинарството се стари колку и самата професија.

Понекогаш намерни, понекогаш случајни, редовно ги мамат читателите и самите новинари, кои понекогаш не се трудат доволно околу проверката на информациите, па едни од други пренесуваат секакви глупости.

Искрено речено и ние во Таратур сме сретнувале многу такви информации кои се просто неверојатни за да бидат вистинити, а последната таква за “Гробот на Александар“ – приказна измислена од еден српски блогер, ја пренесоа и етаблирани македонски медиуми.

Но, да видиме кои се најневеројатните измами во историјата на новинарството.


Една од најпознатите и првите измами е печатена во 1835 година во њујоршкото издание на Сан, каде од 25 август до 16 септември е објавена низа репортажи за новите сознанија за живот на Месечината.

Новите сознанија вклучувале и детален опис на вонземските суштества, кои живеат на Месечината, опишани како луѓе кои наликувале на лилјак, чекорат исправени, но имаат крилја направени од тенки мембрани.

Во описите имало и невообичаени растенија и конструкции какви што човекот не може ниту да замисли.

Новинарите се повикувале на научното списание Edinburgh Journal of Science, кој престанал да излегува неколку месеци порано.

Англиската писателка, филозоф и новинарка Хариет Мартино во своето дело 'Retrospect of Western Travel' издадено три години подоцна пишува за наводното мисионерско друштво во Спрингфилд, Масачусетс кое одлучило да испрати мисионери на Месечината за да ги ’цивилизираат’ луѓето-лилјаци.

Дека во 19 век измислувањето на приказни и репортажи во недостиг на вистински вести не било непознато, сведочи и примерот на Марк Твен, кој во младоста измислувал сатирични приказни за разни американски весници.

Меѓутоа, неговите приказни читателите ги сфаќале премногу сериозни и, како и многумина денес, не ја препознале сатирата во нив.

Но, така си е тоа... ако нешто е доволно интересно или соодветно, нема врска што е малку искривено. Секако, ако приказната е доволно добра, медиумите главно ќе ја пренесат, колку и да е очигледно дека е звучи лудо, денес, како и тогаш.

Интернет страната Cracked објави неколку интересни примери во поновата историја на кои наседнаа разни медиуми, од Америка, преку Европа, до Кина, што очигледно докажува дека сите исто наседнуваме.

Минатата година во мај многу медиуми ја пренесоа веста дека 13-годишно момче ја украло кредитната картичка на својот татко и потрошило 30 илјади долари на обновување на својата колекција видеоигри, електронски апарати и две проститутки, кои ги ангажирал со него да ја играат видеоиграта Halo.

Приказната го вклучила и интересното објаснување на детето, кое на проститутките преку телефон им кажало дека тој всушност е џуџе од патувачки циркус, за да не помислат тие дека е премлад.

Се испостави дека приказната ја измисли Линдон Антклиф, интернет маркетинг стручњак, со цел да привлече посетители на својата страна.



Но, освен на Digg веста се појави и на Фокс Њус, поради што Антклиф на крајот мораше да ја признае измамата, тврдејќи дека навистина се трудел приказната да делува доволно глупаво и неверојатно за да биде јасно дека станува збор за шега.

Новинарите на Фокс Њус веројатно не го делеле неговото мислење...

Денес веќе сите знаат дека Онион е една од најголемите светски сатирични новински агенции, која се занимава исклучиво со лажни вести и дека на нивните вести може единствено да се насмееме.

Но, пред шест години тоа не било случај, барем не во Кина. Можеби затоа и не чуди што весникот Beijing Evening News ја пренесе веста од оваа агенција за тоа дека американскиот Конгрес се заканил дека ќе го напушти своето седиште во Вашингтон, доколку не му изградат нова зграда.

Приказната да биде уште поинтересна, главниот уредник на кинескиот весник во интервју за ЛА Тајмс се бранел со против прашања: „Како знаете дека не сме ги провериле своите извори пред да ја објавиме приказната? Можете ли вие да докажете дека приказната не е вистинска?“, на што новинарот на Тајмс му отворил неколку статии на Онион и го убедил дека оваа агенција не е најдобар извор на сериозни информации.

Fox News и пекингшкиот весник не се ништо во однос на измамата на која во 1934 година наседнале скоро сите американски весници, пренесувајќи ја првоаприлската шега на едно германско списание.


Иако Фотошопот се уште не бил ниту замислен, новинарите со помош на малку попримитивен програм со фотографија ја проследиле веста за германскиот пилот Ерих Кохер, кој наводно патентирал летало што го придвижуваат белите дробови на “пилотот“:

Весникот тврдел дека вградениот мотор го претвара јаглерод диоксидот што пилотот го издишува во погонско гориво. Ич не е сомнително, нели? :)


Бушизмите последниве години беа омилен предмет за мајтапење на медиумите. Но, во 2001 година, почна да кружи мејл кој се повикуваше на истражувањето на Институтот Ловенштајн во Скрантон, а според кое, тогашниот претседател Џорџ Буш има најнизок коефициент на интелигенција од сите американски претседатели во последните 50 години.

Станува збор за бројката 91, поради која Буш наводно не го владеел добро ниту англискиот јазик, ниту имал завиден вокабулар.

Иако урнебесното откритие го пренесе дури и угледниот Гардијан, веста е измислена на сатиричната страна Linkydinky.com.

Една од неверојатните лажни вести пренесени на ’сериозни’ њус портали вклучува и 42 џуџиња и борба со лав.

Веројатно би требало да стане новинарско правило барем три пати да се провери секоја вест што вклучува 40 и повеќе џуџиња на едно место. Имено, приказната за тоа дека во Камбоџа лав повредил џуџиња ја пренесоа New York Post и BBC, а почетокот на приказната е најобична препирка на две момчиња, кои се расправале за тоа дали еден лав би бил посилен од 40 џуџиња, при што нивната расправа толку многу ескалирала, што едниот од нив, кој бил на страната на лавот, отворил интернет страна со разработени аргументи, поради што и многумина наседнаа на приказната.

Несомнено е дека грешки се прават и дека ќе се прават, но барем научивме дека 13-годишни момчиња не ги трошат парите на тато на проститутки, дека претседателскиот коефициент на интелигенција не мора да биде толку низок и уште еднаш да ја провериме секоја вест која вклучува 40 џуџиња. И да не заборавиме гробот на Александар Македонски можеби ќе се најде, ама близу некој граничен премин што постои!

За сето останато, новинарството совршено добро функционира.

 

Copyright © 2009 selotejp.com