-->

ЗНМ со мирен протест го одбележа Светскиот ден на слободата на печатот

Под мотото „За достоинство на новинарите, за достоинствена професија“, Здружението на новинари на Македонија со мирен протест и петминутно молчење на плоштадот „Македонија“ денеска го одбележа Светскиот Ден на слобода на печатот - 3 мај.

Претседателот на ЗНМ, Роберт Поповски порача поинакво однесување на медиумите, на судските органи и сите политички субјекти, без разлика дали се на власт или опозиција, да престанат, како што рече, со притисокот врз новинарите.

- Бизнис елитите да престанат да инвестираат во медиумите за да ги позиционираат своите бизниси и да создадат амбиент за нормален развој на пазарното општество, а сопственците на медиумите да ги поправат платите и статусот на новинарите за да имаме квалитетни медими, изјави Поповски.

Светскиот ден на слободата на медиумите е востановен во 1993 година од страна на Генералното собрание на ОН по препорака на генералната конференција нa УНЕСКО во 1991 година. На овој ден Светската организација за образование, наука и култура ги собира професионалците новинари од цел свет на конференција со цел да направи пресек на состојбата со новинарството на глобално ниво, да се проговори за кршење на правото на слобода на изразување, но и да потсети дека новинарите секојдневно ги жртвуваат своите животи или се соочуват со затворски казни во напорите да обезбедат информации.

Во обраќањето по повод одбележувањето на 3 Мај, генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун изрази жалење оти во светот продолжуваат убиствата, заплашувањата и затворањата на новинари.

 

Copyright © 2009 selotejp.com