-->

Во името на законот


Законски најрегуларно, директорот на една француска текстилна компанија им предложи на работниците, ако не сакаат да бидат отпуштени, да работат во Индија за 69 евра месечно!

Директорот на текстилна компанија во југозападна Франција, неодамна им предложи на деветмина вработени, кои во меѓувреме се отпуштени, преместување во погонот во Индија за бруто плата од - 69 евра месечно!

Директорот на текстилната индустрија Carreman, кој вработува 150 луѓе, одлучи несреќните деветмина да ги отпушти, а со оглед на законот за работа, пред тоа им понудил работни места во другата фабрика во Бенгалор, Индија.

Платата во Индија би им изнесувала 69 евра бруто, за шест работни дена во неделата и платено здравствено осигурување. Посебен бенефит, истакнал директорот, би била 13-тата плата.

Вработените го одбиле непристојниот предлог и ја обвиниле управата на фабриката за непочитување на работниците. Од управата одговориле дека “само го применуваат законот“.

„Францускиот закон не` обврзува по писмен пат да предложиме префрлање на некое друго работно место. Свесен сум дека тоа е глупаво, но таа глупост е од законот“, изјави генералниот директор, Франсоа Морел.

Поради преголемите даночни и социјални оптоварувања, како и разликата во работната рака, огромен број европски компании ги преселија своите погони во Азија.

Carreman има фабрики во Франција, Романија и Индија.

 

Copyright © 2009 selotejp.com