Како што информираа на вчерашната прес конференција протестот ќе започне во 12 часот на паркингот позади Градски трговски центар наспроти зградата на Сојузот на синдикатите на Македонија. Од собирното место ќе се оди пред Собранието, а потоа на плоштадот “Македонија“ каде што ќе се држат говори и ќе се делат памфлети за значењето на Први мај и за работничките права во нашата земја.
“Поради неолибералистичката политика на досегашните влади на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, речиси секоја година се донесуваат измени и дополнувања на законите од областа на работните односи со кои се’ повеќе и повеќе се намалуваат работничките права. Покрај тоа, не се почитуваат и оние минимални и се’ помали права кои законот им ги гарантира на работниците. Поради немањето традиција на борба за сопствените права, работниците во Македонија дозволуваат постојано да им се кршат правата од работен однос и една од главните цели на протестот е да се подигне свеста кај работниците дека без борба за своите права и во иднина ќе продолжи трендот на кршење на нивните права“, велат од движењето за социјална правда – Ленка.
Тие ги повикуваат да дојдат на протестот сите работници без оглед на етничката и верска припадност, сите оние со кои газдите се изживуваат на работното место, што ’рмбаат, примаат плата под нивото што го заслужуваат, примаат плата со задоцнување, што ги тераат да работат во саботи, па дури и во недели, што им вршат политички притисоци, сексуално ги малтретираат, им го кратат породилното отсуство, што се невработени, што се сиромашни.